Штип, 03.03.2020
Група средношколци од други градови кои учат во штипски средни училишта денес напладне излегоа на протест пред Општина Штип. Со извици „Нема правда нема мир“ и „Сакаме превоз“, учениците, како што ни рекоа некои од нив , го изразувале својот револт од фактот дека Општина Штип им го укинала бесплатниот превоз кој досега редовно го имале.
Се работи за средношклци кои главно се од Кочани, Пробиштип, Свети Николе и Карбинци, а кои учат во Средното медицинско училиште, во Електромашинскиот училиштен центар и во Текстилното училиште.
Но, од Општина Штип излегоа со сосема поинакво видување на настанот. Велат дека превозот воопшто не е укинат, дека учениците и понатаму бесплатно ќе се превезуваат од родните места до Штип како град во кој одлучиле да се школуваат, но дека се работи само за промена на превозникот.
Имено, досега учиниците-средношколци имале превозник кој повеќе не ги исполнува условите за меѓуградски превоз. На ова ситуација стигнале поплаки од други превозници кои имаат уредни дозволи за ваков вид превоз, но реагирале и од Бирото за образование барајќи од Општина Штип да се избере законски превозник.
-Ние тоа го направивме, на јавен тендер избравме превозник кој ги исполнува законските услови, а учениците ниту останале ниту ќе останат без превоз. Во случајов сметам дека се работи за манипулација со нив. Ние на учениците им објаснивме за што се работи и сметам дека тие ја разбраа ситуацијата по што се повлекоа од протестот, рече Биљана Казанџиска, одговорна за образованието во Општина Штип.