ШТИП: Михајловски нов советник, Гулбаќи ќе биде дел од советничкиот состав од јунската седница на Советот на општината
Штип, 19.05.2022
Изминаа само шест месеци од констиуирањето на новиот состав на Советот на општина Штип, а веќе се извршени две промени во неговиот состав додека третата ќе се случи на идната – јунска седница на локалниот штипски парламент.
На денешната седница на Советот на Општина Штип констатиран е престанок на мандатот на советникот Никола Рилак од советничката група на СДСМ и коалицијата. Неговото место ќе го завземе Гулбаки Мемед од Демократската партија на турците која е коалиционен партнер на СДСМ. Верификацијата на мандатот на Мемед ќе се случи на наредната седница на општинскиот совет.
Рилак, кој е член на Извршниот одбор на СДСМ си даде оставка во Советот на Општина Штип поради неспоивост на функциите. Имено, тој неодамна е избран за заменик генерален директор на МЕПСО.
На денешната седница е верифициран мандатот на новиот советник Ангеле Михајловски од партијата Левица кој на советничката функција доаѓа откако оваа партија ја повлече Сенада Ибраимова од позицијата советник во Советот на Општина Штип. Зашто Левица ја повлече Ибраимова од советничка не е дадена информација, но дознаваме дека таа добила нова функција во некоја од институциите со кои во Скопје раководи ВМРО ДПМНЕ, партија со која Левица е во коалиција.
Ако се знае дека пред околу два месеци од советничката функција се откажа и каратистот Емил Павлов, кој стана советник од листата на СДСМ и коалицијата, а на негово место дојде Билјана Тодоров од истата партија, тогаш се доаѓа до заклучок дека за неполна половина година во штипскиот Општински совет се направени три измени. Своето повлекување Павлов го оправда со потребата целосно да му се посветеи на каратето каде тој стана европски првак во неговата категорија.