Штип, 01.04.2022
Спортисти и спортски работници, градоначалникот на Штип Иван Јорданов, советници, актуелни и екс пратеници, поранешно борачи од цела Македонија вечерва му укажаа голема чест на Владимир Егоров, борач на БК Балканец за освоениот златен медал во категорија до 57 килограми на пред три дена завршеното европско првенство во Будимпешта.
На настанот, во големата сала на Општина Штип, присуствуваа и репрезентативците на Македонија во борење кои во Будимпешта го освоија осмото место на стариот континент што е оценето како едно од најдобрите остварувања на националната репрезентација во овој спорт.
-Борењето е спорт број еден во нашиот Штип, а боречките спортови воопшто не направија да бидеме горди на нашите спортисти. Затоа, како градоначалник на Штип ќе покренам иницијатива за изградба на сала за боречки спортови, рече градоначалникот Јорданов. Тој на Егоров му го честита големиот успех и му врачи ваучер во вредност од 30.000 денари.
Пред присутните се обратија поголе број од присутните на настанот, а најскромен во зборовите беше токму европскиот првак Владимир Егоров кој потекнува од руска Јакутија но има македонско државјанство и покрај за Балканец се бори и за државната репрезентација.
-Во 2020 година на Европското првенство го освоив трето место и тогаш за цел си поставив освојување на златен медал. Пресреќен сум што успеав да бидам најдобар во Европа, а посебна чест ми е што веќе шест години ја имам можноста да тренирам со супер талентираните борачи на БК Балканец, да освојувам медали под знамето на Македонија и да бидам дел од нејзината репрезентација, рече Егоров.