Штип, 13.09.2019
Во пресрет на Светскиот ден на Првата помош, 14-ти септември, Црвен крст Штип денес приреди пригодна активност во знакот на кампањата ,,Твоето незнаење чини живот’’. Настанот го поздрави градоначалникот Благој Бочварски, истиот со внимание го следеа и претседателот на Советот Јане Миланов, координаторите на двете советнички групи од двете најголеми парламентарни партии во земјава, голем дел од штипските советници, новинари, медиумски работници, како и дел од собраниските служби.
Воедно, денес носителите на јавни функции во Штип и локалните почитичари, директно од салата во која се носат општинските одлуки, едногласно упатија силна порака до своите сограѓани, дека НЕЗНАЕЊЕТО МОЖЕ ДА ЧИНИ ЖИВОТ. Со денешниот седми по ред освежителен курс по Прва помош, Општинската организација го заокружи кампањскиот циклус кој Црвен крст на Р.С. Македонија го иницираше во времетраење од 15-ти јули до 15-ти септември. Интерактивниот пристап за време на денешната обука, резултираше со многу конструктивни предлози и идеи за активности за кревање на свеста за важноста од Првата помош, како и за меѓу-институционална соработка.
Преку бесплатните освежителни курсеви во општините Штип и Карбинци, под менторство на д-р Мери Шорова и практична презентација од страна на демонстраторот Александар Јанев, изминатиов период знаењата од областа на Прва помош ги освежија вкупно 111 граѓани. Статистиката покажува дека од вкупниот број учесници во кампањата, 69 биле припадници на машкиот, додека 42 припаднички на женскиот пол. Просечната возраст на сите 111 учесници изнесува 44 години.
Тајмингот на кампањата – во текот на летните месеци, имаше за цел да ја истакне симболиката на статистички најкритичната сезона кога се во прашање сообраќајните несреќи. Официјалната статистика во овој дел покажува дека во 2018 година имало 133 жртви и 5.860 повредени лица при сообраќајни незгоди. Овие податоци предупредуваат дека функцијата на првата помош треба да се подигне на повиско ниво со оглед на фактот дека е брза витална интервенција чија цел е да се спаси човечки живот и да се намалат компликациите од настанатите повреди и инвалидитетот.
Главната цел на кампањата се состоеше во освежување на знаењата на возачите, подигнување на јавната свест за потреба од обезбедување на прва помош во сообраќајот во случај на незгода и поголема информираност на донесителите на одлуки во државата за потребите од унапредување на квалитетот и знаењата за прва помош во секојдневното живеење со посебен акцент на возачите.
Во улога на бренд-амбасадори на кампањата се вброија интернационалниот топ модел Катарина Ивановска, водителката Анита Латифи, пејачката Тамара Тодевска и други јавни личности. Кампањата опфати 33 општински организации на Црвен крст низ земјава.