Штип, 27.07.2022
Синоќа платото пред Домот на култура „Ацо Шопов“, како новооткриен штипски култен простор за разновидна култура, го исполнија прекрасните песни на канадскиот џез пејач Ори Даган. Со интерпретации на репертоарот на легендарните Френк Синатра, Нет Кинг Кол и други светски пејачки џез големини Даган ги освои срцата на старо и младо кои до крај го исполнија платото.
Даган пееше придружуван од врвни македонски џез музичари: Трајче Велков-труба, Давор Јордановски-пијано, Зоран Костадиновски-гитара и Кирил Туфекџиевски-контрабас.
Настанот се одржа по мотото „Херои-музички фестивал“ како нова манифестација осмислена во креативната работилница на Центарот за култура. Оваа национална установа им врачи признанија за храброст на Службата за итна медицинска помош при Здравствениот дом во Штип за интервенција во Домот на културата кога беше спасен еден човечки живот и на Територијалната противпожарна единица од Штип која ефектно го изгаси пожарот во Домот на култура.
На настанот присуствуваа екипа на Итната медицнска помош предводена од директорката на Здравниот дом д-р Снежана Трајковска и д-р Дејан Манов, раководител на службата, и екипата на Територијалната противпожарна единица која го гаснеше пожарот во Домот на културата, во чие име признанието го прими командирот Дарко Коцев.
„Нам ни требаат херои. Херои кои можат да донесат светлина во нашите животи, во нашата заедница. Херои кои можат да не инспирираат да бидеме подобри и да работиме заедно, да се грижиме еден за друг, а не да бидеме eден против друг“, рече Горан Трајков, директор на оваа културна институција во пригодниот говор на почетокот од настанот.
Со гостинот Ори Даган од Торонто-Канада направивме интервју од кое скратена верзија ќе донесеме подоцна, а целосниот разгвор ќе го објавиме во Штипски Глас.
Подолу донесуваме неколку фотоси од синоќешниот настан.