Штип, 19.07.2018
Општинската организација на Црвениот крст во Штип денес организира активност за доброволно дарување крв која од 10 до 13 часот се одвиваше во Домот на култура „Ацо Шопов“. Планирано беше да бидат собрани 30 крвни единици но собрани се една третина помалку, односно дваесет. Сепак, и тоа е добра работа ако се знае вистинското значење на доброволното дарување крв.
На времето Штип беше водечка општина во државата во доброволното дарување крв но денес тоа не е така.
„Минатата година имавме собрано околу 2.000 крви единици, согласно пропишаните критериуми општината беше на четврто место во Македонија. За годинава нашите прогнози се дека ќе собере околу 1.500 крвни единици“, ни изјави Викторија Андонова од ОО на Црвениот крст на Штип.
Меѓу дарителите беше и Васил Митев (24) вработен во штипска трговска фирма.
„Ова ми е 17-ти пат како давам крв, тоа го правам од чисто хумани, длабоко човечки причини зашто знам дека на некого мојата крв може да му го спаси животот или да му го подобри здравјето. По дарувањето крв се чувствувам многу подобро во здравствена смисла и би препорачал секој кој нема здравствени пречки да го прави тоа. Јас додка сум жив и додека тоа е законски дозволено ќе дарувам крв“, вели Митев.