Штип, 20.12.2019
Прекрасно беше денешното одбележување на 96 годишнината од раѓањето на поетот, револуционер и општественик Ацо Шопов, еден од најдобрите европски поети-лиричари.
Пред бистата на поетот беа положени венци од градоначалникот на Општина Штип Бочварски, од Советот на Општината, политички организации, Центарот за култура кој го носи неговото име, Гимназијата „Славчо Стојменски“ и други. За ликот и делото на Шопов говореше Кирил Панајотов.
Во спомен собата на поетот, која се наоѓа во Домот на култура „Ацо Шопов“ беше одржана величествена манифестација со музичко-поетски перформанс во изведба на фолклористи при КУД „Ристо Донев Учителот“ и млади поети и рецитатори од гимназијата „Славчо Стојменски“ и ОУ „Димитар Влахов“. Поетскиот перформанс беше исклучително добро осмислен со изведба на поетско-сатиричната „Јус универзум“ во која Шопов, на сатиричен начин, ги криткува несовршеностите и аномалиите на системот во времето во кое таа песна е создавана.
Во епицентарот на настанот беше промоцијата на новото поетско дело „Подземно виножито“ на штипскиот поет Благој Самоников. За поетиката на Самоников говореше Мишел Павловски:
-Најновата стихозбирка на Самоников содржи 77 песни поделени во три циклуси. Прагот како симболика кој може да спои и да раздели, индиректно, се користи во целата стихозбирка за да се навлезе во автореференцијалната дименизја , да се проверат сопствените ставови, или да се определи местото на себството“, рече рецензентот Павловски.
Стихови од поетот исклучително инспиративно како и секогаш досега читаше актерот Страшко Милошевски.
Крајот на преубавиот настан прекрасно го „зачини“ поетот и писател Трајче Кацаров со следнава мисла:
-Кога Ацо Шопов тешко се разболе, група поети беа во негова посета во болницата. Шопов не можеше да зборува, ги беше заборавил буквите. Мислам дека тој тоа намерно го направил за ние денеска да можеме да зборуваме наместо него, рече Кацаров.
Кетерина Мишева, директорка на Центарот за култура „Ацо Шопов“ на Институтот за македонска литература му предаде посебна плакета за големиот придонес која оваа институција го дава во промоцијата на македонската литература и за чување и почитување на делото на Шопов. Плакетата ја прими Маја Јакимовска Тошиќ, директорка на спомнатиот институт.