Штип, 20.04.2018
Во рамките на манифестацијата „Во чест на поетот“ во НУЦК „Ацо Шопов“ во Штип беше промовиран романот „Одбројување“ на младата македонска писателка Фросина Пармаковска. Овој роман е прогласен за Роман на 2017 година која награда ја доделува фондацијата „Славко Јаневски“.
Промоцијата привлече поголем број главно млади луѓе кои на писателката и поставија повеќе прашања во однос на тоа како се пишува роман, дали ликовите од романот се вистински или измислени, дали од пишување во Македонија може да се живее и слично.
Промотор беше познатиот македонски писател м-р Трајче Кацаров кој писателката Пармаковска ја именува како нова, голема надеж во и за македонската литература и култура, а самиот роман го нарече „Дело кое задолжително мора да се прочита“.
Инаку, Фросина Пармаковска е родена 1985 година во Скопје. Дипломирала на Филолошки факултет, катедра за компаративна книжевност, магистрирала на Институт за македонска литература на тема „Варијации на магичниот реализам во светскиот и македонскиот роман“. Има објавувано во книжевни списанија, а во 2013 година го објавува романот „Пишувајќи ги изгубените топки“. Нејзин втор роман е „Вишнова хроника“ кој во 2014 година влезе во најтесниот круг за награта Роман на годината на Утрински весник.
Фросина Пармаковска живее и работи во Скопје.