Јаневска: Затворени се пет приватни научни институти, заканите ќе ги пријавиме

Затворени се пет приватни научни институти, а кај петнаесеттина се утврдени неправилности кои имаат обврска да ги отстранат во соодветен рок. Ова во однос на досега спроведените надзори на комисијата во Министерството за образование и наука (МОН) формирани за оваа намена, го изјави министерката Весна Јаневска во емисијата „За или против“ на Телевизија Алфа.

Таа рече дека дел од институтите биле затворени заради неактивност, а дел бидејќи не ги исполнувале законските услови за работа.

„Онаму каде констатиравме неправилности, даден е рок истите да ги отстранат за три месеци. Но, мислам дека бројот на затворени научни институти ќе биде поголем“, рече Јаневска, додавајќи дека само два института целосно ги исполнувале условите за работа.

Јаневска кажа и оти некои образовни установи не сакале да соработуваат при надзорите, а дел од нив, дури и упатувале закани кон вработените во МОН.

„Сé што правиме е за подобро образование, ниту една активност нема политичка заднина. Ова е прво предупредување да престанат со закани, а следно ќе биде да пријавиме и да постапат други надлежни институции по тој основ“, додаде министерката.

Јаневска најави дека наскоро, по усвојувањето на неколку законски решенија во Собранието, ќе следи кадровско зајакнување на дел од институциите, меѓу кои и Државниот просветен инспекторат и Бирото за развој на образованието.

Постави коментар

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе