Штип, 16.10.2019
Јована Ќириќ е дваесетгодишна девојка од Пирот, Србија. Втора година е во Штип, град во кој студира на Музичката академија при Универзитетот „Гоце Делчев“. Таа беше многу отворена во разговорот за istokpress.mk и за Штипски Глас
-Во Ниш завршив средно музичко училиште по што како животна цел си поставив да изберам професор кој работи квалитетно оти не сакав и не сакам за џабе да ми биде трудот и напразно да ми минат годините. Не бирав факултет, град, држава туку бирав одличен професор по пијано. Тоа што го барав го најдов на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Беше тоа професорката по пијанов Милица Шкариќ која со својот прв контакт ми даде надеж дека тоа што го барам го има тука, ни рече Јована.
Таа додава:
-Професор Милица Шкариќ е феноменален педагог. Се прилагодува на секој студент, со секој од нас нејзиниот разговор е поинаков, таа ни е и професор и пријател, таква личност сакав да ми помогне во моето образование, а преку тоа и во животот, појаснува Јована.
За Штип и за штипјани Јована има преубаво мислење.
-Штипјани се необично топли луѓе. Ги сакам нив, го сакам градот, често шетам покрај реката Отиња, одам на пешачам на патеката зад Исарот и мило ми е што таму наидувам и на млади луѓе кои трчаат или шетаат. Тоа е една убава глетка која ме освои. Покрај тоа неколкупати се имам искачено на средновековната тврдина Исар од каде се пружа извонреден поглед на градот, ни рече Јована.
Нејзина цел е еден убав ден да стане професорка. Да им помага на младите во нивното музичко образование. Како што нејзе сега и помага професорката Шкариќ.
-Од концерти на класична музика кај нас не се живее. Затоа сакам да бидам професор, а во исто време и да настапувам на концерти зашто сакам и на ваков начин класичната музика да биде дел од мојот живот, порачува Јована Ќириќ.
Поширокиот разговор со Јована го објавуваме во Штипски Глас, во бројот кој ќе излезе првата недела од идниот месец.