Шест вработени во ЈП „Национални Шуми“, добија кривични пријави заради несовесно работење во службата и злоупотреба на службената положба и овластување, бидејќи нанеле штета на буџетот на претпријатието од над 170.000 евра.
Како што информира Министерството за внатрешни работи, СВР Битола, до Основното јавно обвинителство Битола, поднесе кривична пријава против И.Т.(30) од Демир Хисар, И.Р.(59) од с.Кутретино, Б.Ј.(60) од с.Слоештица и С.У.(50) од Демир Хисар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“ и против А.Ш.(31) од с.Смилево и М.Ѓ.(46) од с.Загорче, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.
Првопријавениот И.Т., бил вработен како раководител на подружницата „Бигла“ – Демир Хисар, а во текот на 2023 и 2024 година преку својата шумо-чуварска служба не извршил теренска контрола во атарот на с.Прибилци каде што бил утврден кусок од 343 кубни метри дрвна маса, која била посечена, но не и евидентирана во сметководствената евиденција на подружницата. На тој начин нанел штета на јавното претпријатие во износ од 2.401.000 денари или 39.040 евра. Исто така, со неизвршување на теренска контрола во реонот на шумско- стопанската единица ,,Илинска планина’’, бил утврден кусок од 954 кубни метри дрвна маса, која била посечена, но не евидентирана а штетата била 6.678.000 денари или 108.585 евра. Во шумско -стопанската единица ,,Пречиста’’ бил евидентиран кусок на дрвни сортименти во количина од 83.30 кубни метри со што првопријавениот нанел штета во износ од 583.100 денари или 9.481 евра, додека, во ,,Јаворец’’ бил евидентиран кусок на дрвни сортимани во количина од 123,80 кубни метри со што првопријавениот на јавното претпријатие му нанел штета во износ од 866.600 денари или 14.091 евра. Вкупно биле посечени 1.504 кубни метри, а на ЈП „Национални Шуми“ му била нанесена вкупна штета во износ од 10.528.000 денари или 171.186 евра.
Второпријавениот И.Р., во текот на 2023 и 2024 година, како раководител на шумо-чуварска служба во подружницата „Бигла“, заедно со трето и четвртопријавениот, шумо-чувари во подружницата, не извршиле теренски надзор, односно не ја извршувале примарната задача да ја чуваат шумата во државна сопственост и на тој начин дозволиле на локациите да биде посечена дрвната маса и на претпријатието да му биде нанесена штетата.
Петтопријавениот А.Ш., референт за превоз во подружницата, во текот на 2023 година се задолжил со приемница за сеча и приемница за дотур на 185,5 кубни метри огревно дрво, а по извршената испорака, во 2024 година од страна на пописната комисија бил констатиран кусок од 83.3 кубни метри и на тој начин била нанесена штета на јавното претпријатие.
Шестопријавениот М.Ѓ., референт за сеча и дотур, во текот на 2023 година се задолжил со приемница за сеча и приемница за дотур на вкупно 604 кубни метри огревно дрво, а по извршената испорака во 2024 година од пописната комисија бил констатиран кусок од 155,3 кубни метри огревно дрво.