Полицаец осомничен дека бил дел од банда што крадела кабли од подземни тунели

Еден полицаец и тројца други се осомничени дека биле дел од банда која со месеци крадела кабли од подземни тунели во кругот на поранешна „Железара“ користејќи специфична опрема за т.н. „ниско ризични операции“, соопшти јавното обвинителство. Каблите, според обвинителството, биле сопственост на Електрани на Македонија (ЕСМ) и на Макстил.

Четворицата, според Обвинителството, дејствувале координирано и од март до почетокот на мај годинава украле повеќе километри високоенергетски и среднонапонски кабли од објектот на „Полуконти – ИГМ“ и подземните тунели. Според обвинителството, штетата што ја извршиле изнесува околу 440.000 евра.

Според доказите, сторителите најпрво со апарат проверувале дали каблите се под напон, по што со батериска брусалка ги сечеле и ги складирале до влезот на тунелите. Како резултат на нивните дејствија, според обвинителството, на 9 април изби пожар во трафостаницата ТС Југ, што предизвикало дополнителна штета на јавните енергетски инсталации. За нивната санација биле потребни повеќе од 100.000 евра, а заради прекинот во дистрибуцијата на електрична енергија, не било реализирано планираното производство и испорака до крајните корисници, што предизвикало дополнителна штета од околу 60.000 евра.

Обвинителството достави предлог за определување мерка притвор и за новоосомничениот полициски службеник, поради опасност од бегство, можност за влијание врз сведоци и ризик од повторување на делото. За неговите тројца соизвршители, кои веќе се обвинети, веќе се изречени мерки притвор по предлог на јавниот обвинител.

Јавното обвинителство претходно поднесе обвинение против останатите тројца осомничени.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

Istok Press