
Скопје денеска го одбележува 13 Ноември, Денот на ослободувањето во Втората светска војна. Во текот на денот градските власти најавија дека ќе се положат венци пред Споменикот на ослободителите на Партизанските гробишта во Бутел, на Алејата на заслужните граѓани на гробот на генералот Михајло Апостолски, како и пред споменикот на Ослободителите на Скопје пред зградата на Владата.
Вечерва, како што информираат од Град Скопје, ќе се одржи традиционалното свечено доделување на наградите 13 Ноември во МОБ.
Пред 81 година, на 13 ноември 1944 година, скопјани ја дочекаа слободата, откако 42. и 50. народноослободителна дивизија на македонската војска и 16. Македонска бригада по неколкудневни тешки борби со фашистичкиот окупатор го ослободиле градот.
Жители на Скопје сведочеле на улични борби, кои се воделе на улицата „Илинденска“, кај главната пошта, Офицерскиот дом, Народната банка и кај Старата железничка станица. Македонските борци ја спасиле хидроцентралата „Матка“ од минирање и разурнување, а невооружени цивили со својот живот го бранеле Камениот мост од разурнување, настани кои се врежани во спомените на учесниците во борбите и кои се пренесени како сведоштва во многу книги и фотографии на кои се гледа радоста на скопјани при пречекувањето на ослободителите во центарот на градот.
Во борбите за Скопје загинаа над 420 борци, а за време на целата Втора светска војна, 4.600 скопјани.
