Дедо, син, внуци, тоа е формулата за успех во 45 годишниот развој на автосервисот „Рибата“

Годинава се навршуваат 45 години од моментот кога нашиот сограѓанин Никола Рибарски донел смела одлука да отвори автосервис во Штип. Дали Никола, во моментите на одлука да тргне со самостоен бизнис мислел дека неговата страст за овој занает ќе потрае цели 45 години, не е познато. Но. денес, уште малку па половина век од отворањето на „Рибата“, автосервисот напредува во секоја смисла, работи со полна пареа, а неговата позитивна историја ја испишуваат синот на Никола – Тодор-Тоте Рибарски и двајцата синови на Тодор Никола и Пане.

-Ние велиме дека автосервисот „Рибата“ цели 45 години испишува силна доверба меѓу корисниците на неговите услуги и голема семејна традиција. Сакам да потенцирам дека нашиот автосервис е семеен бизнис со богата традиција, кој постои уште од 1981 година. Фирмата работи под назив ДТУ Рибата“ дооел Штип – автосервис Експрес и од самото основање до денес се наоѓа на истата локација, што претставува јасен доказ за стабилност, доверба и континуитет, вели Тоте Рибарски.

Основачот Никола Рибарски, во јавноста е попознат како Коле Рибата“.

-Мојот татко целиот свој живот го посвети на занаетот и на развојот на овој семеен бизнис. Денес, традицијата успешно продолжува низ три генерации – дедо, син и внуци, што претставува редок и вреден пример за занаетчиска истрајност. Клучот на успехот на автосервисот „Рибата“ е квалитетна, брза и коректна услуга, како и постојана подготвеност да се излезе во пресрет на секој клиент. Целта на сервисот отсекогаш била и останува – секое возило да излезе технички исправно, а секој клиент задоволен од услугата, додава соговорникот на Штипски Глас.

Автосервисот во 1981 година го има основано легендарниот во овој бизнис Никола Рибарарски, за потоа да продолжи неговиот син Тодор, и конечно, семејниот профил да го заокружат Пане и Никола, внуците на основачот. Три генерации Рибарски за успешна семејна приказна.

Во сите измнинати 45 години овој автосервис ги надградува своите капацитети преку обнова на опремата и средствата за работа, а денес сервисот располага со современи алати, напредна дијагностичка опрема и професионална компјутерска технологија, што овозможува опслужување на сите типови на возила, без разлика на марката или годината на производство.

Во сервисот моментално работат четворица искусни мајстори, а најстар и најискусен меѓу нив е Нацев Леонит, кој со своето долгогодишно искуство претставува значаен столб на тимот. Занаетот започнат од основачот денес продолжува преку неговиот син, а во работниот процес активно се вклучени и двајцата внуци на основачо, а тоа се Никола и Пане Рибарски, кои со ист ентузијазам и посветеност работат на зачувување и унапредување на квалитетот на услугите.

-Исклучително сум задоволна од професионалноста на мајсторите и од нивниот однос кон клиентите, нивните услуги се навремени и на највисоко ниво, вели Тања Павлова Тасевска, која редовно ги користи услугите на „Рибата“.

Според искуството на сервисот, возниот парк во градот во последните години е значително обновен, со сè поголем број понови возила кои редовно се сервисираат. Сепак, дел од возилата се постари и со поголема километража, кај кои често се јавуваат посложени дефекти. Најчести интервенции се изведуваат на предниот трап и системите за сопирање, кои се од клучно значење за безбедноста во сообраќајот.

Ние пак на крајот од овој приказ за една успешна приватна фирма ќе заклучиме дека со искуство долго 45 години автосервисот „Рибата“ останува препознатливо име во Штип и пошироко, симбол на квалитет, доверба и семејна традиција што успешно се пренесува од генерација на генерација.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

Istok Press