Нафтените пазари би можеле да влезат во „црвената зона“ во јули и август, бидејќи залихите се намалуваат пред летната туристичка сезона, предупреди Фатих Бирол, извршниот директор на Меѓународната агенција за енергија (IEA) во четвртокот, пренесува Гардијан.
Фатих Бирол изјави дека најважното решение за енергетскиот шок предизвикан од војната со Иран е целосно и безусловно отворање на Ормутскиот теснец.
Говорејќи за лондонскиот тинк-тенк „Chatham House“, Бирол рече дека земјите членки на IEA би можеле да ослободат дополнителни стратешки резерви на нафта, како што направиле и во март, додавајќи дека агенцијата е подготвена да координира таков потег. Дури 80% од заедничките резерви на IEA сè уште не се искористени.
Тој предупреди дека залихите се трошат, дека нема нов извоз од Блискиот Исток, а побарувачката расте, главно поради летната сезона.
„Ова може да биде тешко и би можеле да влеземе во црвената зона во јули и август ако не видиме подобрување“, рече Бирол.
Бирол додаде дека „никогаш не видел толку силна и долга сенка на геополитиката врз енергетскиот сектор“, изразувајќи загриженост дека екстремистички политички партии во Европа би можеле да ја злоупотребат инфлацијата за да тврдат дека постојните политички системи не функционираат, иако цената на нафтата се формира на меѓународно ниво.
Тој се осврна на тоа дека Иран нема бесконечни капацитети за складирање и дека неговата нафтена индустрија ќе се соочи со тешкотии, предупредувајќи дека оваа нафтена криза е посериозна од трите претходни големи шокови, во 1973, 1979 и кризата од 2022 година предизвикана од руската инвазија врз Украина.
Според него, околу 14 милиони барели нафта дневно недостасуваат на пазарот поради нарушувањата и не постои реална можност за целосно закрепнување на производството на нафта најмалку една година, вклучително и во Обединетите Арапски Емирати.
Бирол предвиде дека владите ширум светот во следните години ќе ги ревидираат своите енергетски стратегии и ќе бараат нови опции за увоз на горива.
Тој додаде дека државите сè повеќе ќе се насочуваат и кон други извори на енергија, обновливи извори, нуклеарна енергија, а во помала мера и јаглен, додека домашното производство на енергија што е економски исплатливо ќе добие дополнителен поттик.
