Руски авиони се приближиле до остров во Јужна Кореја, жителите предупредени да бараат засолниште

Жителите на еден оддалечен јужнокорејски остров во утрово добија наредба да побараат засолниште, откако неколку руски воени авиони се приближија до воздушниот простор на островот. Ова предизвика превентивно предупредување од страна на војската, која очекувала нарушување на воздушниот простор.

Министерството за одбрана соопшти дека во попладнево ќе го повика рускиот воен аташе за да упати остар протест.

Здружениот генералштаб соопшти дека авионите влегле во зоната за идентификација на воздушната одбрана над Јапонското Море во Јужна Кореја познато како Источно Море и се приближиле до островот Улеунгдо. Не беше прецизирано колку руски авиони биле вклучени, но јужнокорејските воени авиони биле кренати во воздух пред руските летала да се оддалечат.
Портпаролот на Здружениот генералштаб, Џанг До-јунг, изјави дека авионите се приближиле до самата граница пред нарушување на воздушниот простор на Улеунгдо и дека, бидејќи воените авиони се движат многу брзо, се очекувало до такво нарушување и да дојде. Тој додаде дека предупредувањето било издадено превентивно, со цел да се заштитат жителите.

Министерството за внатрешни работи го издаде итното предупредување во 7:52 часот наутро до жителите на Улеунгдо вулкански остров со околу 8.700 жители, лоциран на 120 километри од источниот брег со наредба да побараат засолниште.

Телевизиските програми беа прекинати со предупредувања на екранот, кои им наложуваа на жителите да се подготват за евакуација во блиско подземно засолниште и да ги следат известувањата. На островот се огласија сирени, а жителите, наводно, слушнале и бучава од борбени авиони. Џеонг Хае-сеунг (41), кој работел на градилиште, изјави за весникот „Ханкјоре“ дека истрчал од своето работно место во моментот кога пристигнала пораката.
„Излегов надвор прашувајќи се што, по ѓаволите, се случува. Се слушаше објава од цивилната заштита, но не можев да разберам што точно се зборува“, рече тој.

Баек Ун-бае, кој живее на островот, изјави за телевизијата ЈТН дека еден постар жител му се јавил по телефон прашувајќи го дали започнала војна. „Постарите луѓе немаат пристап до медиумите, па единственото нешто што го слушаат е предупредувањето што се емитува, а се премногу вознемирени за да знаат што да прават“, рече тој.

Други изјавија дека воопшто не ги слушнале сирените, бидејќи прозорците биле затворени поради студот и силните ветрови. Во втората порака, испратена од покраината Северен Гјонгсанг која управува со островот Улеунгдо се наведува дека летачки објект, за кој се претпоставува дека е севернокорејско летало, ја напуштил опасната зона. Од покраината објаснија дека по грешка го искористиле текстот од пораките за рутински вежби, промениле само времето и така ја испратиле пораката.

Инцидентот е четврти познат случај оваа година во кој руски воени летала навлегле во оваа зона, а втор во рок од една недела.

Зоната за идентификација на воздушната одбрана не претставува суверен воздушен простор; државите воспоставуваат вакви зони надвор од сопствениот воздушен простор за навреме да ги идентификуваат воените летала што се приближуваат. Иако доставувањето план за лет однапред е меѓународна практика, влегувањето во зона за идентификација без претходно известување само по себе не претставува кршење на меѓународното право.

Русија тврди дека корејската зона нема основа во меѓународното право и не го признава авторитетот на Сеул над неа, поради што постојано навлегува во неа без претходна најава.

Според податоците доставени до парламентот, во периодот од пет години до 2024 година биле забележани околу 60 случаи на руски летала што влегле во зоната без претходна најава, додека за кинеските летала таа бројка изнесува околу 430.

Сеул претходно го повика рускиот воен аташе во март 2025 година, откако биле забележани осум навлегувања во рок од 10 дена. Тоа беше прв таков повик по инцидентот од 2019 година, кога руско летало го наруши јужнокорејскиот воздушен простор, по што јужнокорејските борбени авиони испукаа предупредувачки истрели.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе