Промоција на романот „Песот со тажен поглед“ од познатата македонска писателка Оливера Николова во Македонскиот КИЦ во Софија

Во Македонскиот културно-информативен центар во Софија, на 25 ноември 2026 година, со почеток од 18:30 часот, ќе биде претставено новото бугарско издание на романот „Песот со тажен поглед“ од познатата македонска писателка Оливера Николова.

Настанот е посветен на 90-годишнината од раѓањето на писателката за деца Оливера Николова (1936–2024). За нејзиното литературно дело ќе зборува д-р Марина Мијаковска.

За романот „Песот со тажен поглед“:

Во калта, хаосот и суровоста на Првата светска војна, еден човек губи сè – својата татковина, својата слобода и три прста на десната рака.

Откако станува воен заробеник на бојното поле во близина на Ниш, Австриецот Алберт Гас е фрлен во импровизираната „Болница на Британскиот црвен крст“ во Скопјe. Среде неподносливата смрдеа, стенкањето на ранетите и постојаните ампутации без анестезија, тој мора да најде начин да преживее – физички и психички.

Во оваа ѓаволска дупка, судбината го среќава со д-р Ира Павловна Зошченко – мистериозен руски доктор со неверојатна интуиција, која во него гледа нешто повеќе од само уште еден парталав затвореник. Кога Алберт се соочува со сериозни обвиненија во логорот, меѓу нив двајца започнува сложена психолошка игра, во која се испреплетуваат лојалноста и тајните од минатото.

Додека фронтот немилосрдно се движи кон југ, а лекарите од целиот свет се борат со недостигот на лекови и воената саботажа, единственото нешто што го одржува скршеното срце на Алберт е едно живо сеќавање. Сеќавањето на Ал – неговото верно куче со тажен поглед, оставено некаде покрај железничките пруги, коешто умее со својата кроткост да го бистри умот и да дава спасоносна јасност за смислата на животот.

Оваа книга на Оливера Николова е наградена со наградата „Роман на годината“ за 2019 година. „Песот со тажен поглед“ е приказна за тоа како во најтемните времиња, искреноста и тагата можат да нè научат на нови работи и да нè заштитат од лудилото на светот.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе