Пиењето алкохол купен за носење на улица ќе биде забрането во Париз овој викенд, а градската Парада на гордоста е откажана за да се намали притисокот врз преоптоварените служби за итна медицинска помош и преполните болници во услови на смртоносен топлотен бран, пренесува „Гардијан“.
„Консумирањето алкохол додека сонцето силно пече може да има катастрофални последици. Се приближуваме до точката на заситеност на болничките капацитети“, изјави парискиот полициски началник, Патрис Фор, за телевизијата БФМ ТВ.
Париската Парада на гордоста, која вообичаено привлекува стотици илјади луѓе на градските улици, според полицијата претставувала сериозен здравствен ризик во услови на екстремно високи температури. Организаторите соопштија дека настанот ќе се одржи во септември наместо сега. Откажан е и музичкиот фестивал „Солидејс“.
Забраната за пиење алкохол на улица стапи во сила вчера попладне, пред натпреварот меѓу Франција и Норвешка на Светското првенство.
Дехидратацијата, срцевите застои и заболувањата предизвикани од екстремните горештини станаа сериозен проблем во Париз оваа недела, бидејќи температурите соборуваат рекорди и дење и ноќе.