Beach Film Festival, фестивалот на нов европски филм, се враќа во Охрид од 22 до 26 јули 2026 година со своето деветто издание. Пет дена, четири локации и десетици филмови под отворено небо — на плажа, на брод и покрај езерото — ќе го претворат Охрид во летна филмска сцена.
Годинашното издание носи официјална селекција на долгометражни, краткометражни и студентски филмови од повеќе европски земји, специјална селекција, детска програма и едукативни содржини. Фестивалот и оваа година останува верен на својата идеја: филмот да биде достапен, споделен и доживеан заедно — под ѕвездите, покрај водата.
Фестивалот започнува ден пред официјалното отворање — на 21 јули на плажа Сараиште, со претпрограма посветена на македонскиот филм.
Претпрограма: вечер посветена на македонскиот филм
Годинашното фестивалско загревање се одржува на 21 јули на плажа Сараиште, со две македонски остварувања под отворено небо, покрај езерото: 20:30 — „Железна тврдина“ на Митко Панов (долгометражен филм) и 22:00 — „Самоуништување“ на Ербил Алтанај (долгометражен филм).
Проекцијата на „Самоуништување“ се одржува по повод 30 години од премиерата на овој култен македонски филм. Влезот на плажа Сараиште е бесплатен.
Од отворањето до затворањето
Официјалната селекција на долгометражни филмови се отвора на 22 јули на плажа Славија со „Being Maria“ на Џесика Палид (20:30). Меѓу главните настани на фестивалот е и специјалната проекција на „The Instinct“ на Хуан Албарасин, што ќе се одржи на брод Армада на 25 јули во 21:30 — кино на вода, со езерото наоколу.
