Пијаното под рацете на Сихенг Сонг постигна волуменозност на мал оркестар

Претходната ноќ на фестивалот „Охридско лето“ долго ќе се памети зашто беше вистински празник за пијаното. Во возвишениот амбиент на црквата „Света Софија“, тој празник го приреди младиот пијанистички виртуоз од Кина Сихенг Сонг кој ги демонстрира не само неговата техничка супериорност што ја поседува секој врвен пијанист од висок формат, туку и чувствата што извираа од неговата длабоко емотивна душа.

Поради неговите маркантни динамички градации, на моменти, пијаното постигнуваше волуменозност на мал оркестар.

Со неверојатна леснотија, прецизност и висока концентрација, концертната програма започна со Месечевата светлина од Дебиси, продолжи со Сонатата за пијано бр 16 во це-дур од Моцарт, а специјално за овој настап на „Охридско лето“ Сонг избра да ја свири Есенска месечина врз мирното езеро од кинескиот композитор Пејжун Чен, но и Избор од Клавирски поеми од Земјата чиј композитор е самиот тој.

Восхитувачката меморија на Сонг да го отсвири на памет целокупниот репертоар што траеше речиси час и половина, дополнително ја воодушеви публиката која не ги штедеше аплаузите кои до крајот на концертот беа сè погласни и погласни.

-Беше навистина неверојатно. Сметам дека програмата беше мал предизвик бидејќи некои дела беа мои и публиката првпат ги слушна. Имаше и едно многу долго дело, 24 Прелудиуми од Шопен, но публиката, иако беше премногу топло, остана до крај на своите места. Нејзината реакција е многу важна за уметникот. Тоа се нарекува хемиска размена помеѓу луѓето. Затоа музиката е многу важна зашто ги зближува луѓето, рече виртуозниот шангајски пијанист Сихенг Сонг.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

Istok Press