Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ ќе се одржи од 20 до 27 август во Куршумли ан, Музеј на Македонија, Сули ан, „Лабораториум“ и Албански театар во Скопје.
Комплетната програма и сите фестивалски активности за 17-тото издание на „МакеДокс“ беа објавени на прес-конференција, што се одржа на 12 август 2026 година во Едукативен културен центар „Лабораториум“, на која се обратија Дарко Набаков, извршен директор на фестивалот, Петрула Вељановска, програмски координатор на „МакеДокс“, и Сара Ферро, раководител на индустри програмата на „МакеДокс“. Фестивалот ќе се одржи со мото „Само сонот е стварност“, а се очекуваат над 100 гости од странство.
– Горди сме што низ годините „МакеДокс“ израсна во фестивал на кој не се доаѓа само за да се гледаат филмови, туку и за да се остане по филмот – да се разговара, да се запознаат авторите, да се разменат идеи и неколку дена вистински да се живее документарниот филм. Годинава имаме и една од најопширните дополнителни програми досега, надвор од самите филмски проекции – со мастеркласови, разговори, панели, работилници, програма под смоквата и индустрискиот сегмент МакеКоПроДокс. Токму тоа сакаме да биде „МакеДокс“ – место на средба. Меѓу филмот и публиката, меѓу домашната и меѓународната документарна сцена, но пред сè, меѓу луѓето – оние сонувачи кои сè уште веруваат дека сонот може да стане стварност – рече Дарко Набаков, извршен директор на фестивалот.
Фестивалското мото „Само сонот е стварност“ е наслов на песна од Тин Ујевиќ, но и на книга на една од нашите најзначајни македонски филмолози и филмски критичарки, Илинденка Петрушева.
– Оваа година за нас не претставува само уште едно издание на фестивал. Тука сме да се потсетиме зошто воопшто ни е потребен филмот, зошто ни е потребен сонот. Затоа „Само сонот е стварност“ – за нас не е само мото. Тоа е нешто што тивко го носиме во себе, нешто што нè оттурнува напред кога стварноста станува претесна, кога зборовите не се доволни, кога ни треба нешто повеќе – слика, звук, тишина… чувство. А филмот отсекогаш бил токму тоа. Еден сон што некој се осмелил да го сподели. Една вистина што некој ја почувствувал доволно силно за да ја зачува. И можеби токму затоа документарниот филм е толку близок – затоа што е направен од луѓе што длабоко чувствуваат и љубат. Ова издание е и тивка посвета. На една љубов кон филмот што не згаснува. На една мисла што продолжува да живее. На Илинденка Петрушева – нашата Бабе – која со својата заразна енергија изнедри генарации на посветени филмаџии и филмољупци и нè научи дека киното не е само простор, туку состојба на духот. Дека филмот не е само гледање, туку паметење, грижа и упорност. Затоа ве поканувам – оваа година не само да гледате филмови, туку и да им се препуштите. Да дозволите да ве поместат, да ве вознемират, да ве утешат. И да понесете нешто со себе… Можеби некое прашање. Можеби некое чувство. Можеби еден нов сон – рече Петрула Вељановска, програмски координатор на „МакеДокс“.
Фестивалот ќе биде отворен на 20 август во Куршумли ан со проекција на краткиот филм „Цвеќињата стојат молкум, сведочат“ на Тео Панагопулос и долгометражниот документарец „Кон запад, во Запата“ на Дејвид Бим. Во целокупната програма на фестивалот се предвидени проекции на 71 филм, а ќе се одржат и македонските премиери на новите филмови на Милчо Манчевски и Елена Чемерска.
Програмата на фестивалот ќе се одвива во шест категории: Главна програма, Нови автори, Земја во фокус: Шпанија, Кратки документарци, Студентска програма и Програма за деца и млади. На фестивалот ќе се доделат пет награди, „Кромид“, „Млад кромид“, „Сечкан кромид“, „Кокарче“ и Награда за најдобри етички идеи, а во комисиите за наградите членуваат 15 интернационални професионалци од документарниот филмски свет.
