Николоски: 165 милиони денари за нови проекти во Гевгелија, обновена и Старата чаршија

Старата чаршија во Гевгелија е обновена и повторно ставена во употреба, а поддршката од Владата за реализација на инфраструктурни и други проекти во општината продолжува, истакна вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски.

Како што посочи Николоски, за обновата на Старата чаршија се издадени вкупно 27 одобренија за реконструкција на 27 објекти, кои денеска добиваат нов и поуреден изглед.

„Се обновува Старата чаршија – културно наследство во Гевгелија. Во Гевгелија пуштена е во употреба Старата чаршија. Издадени се вкупно 27 одобренија за реконструкција на 27 објекти коишто навистина прекрасно изгледаат“, изјави Николоски.

Тој нагласи дека преку владините средства во Гевгелија дополнително се инвестираат околу 165 милиони денари во различни проекти, од кои дел веќе се завршени, а дел се во фаза на реализација.

Меѓу завршените проекти ги посочи инвестициите во селата Моин, Прдејци и Богородица.

Во тек е и реализација на повеќе инфраструктурни зафати во самата Гевгелија, меѓу кои завршувањето на западниот булевар „Св. Климент Охридски“, реконструкцијата на улицата „Железничка“, улицата „Маршал Тито“, улицата „Гевгелиски партизански одреди“ до железничката станица, како и улицата „Новопланирана“.

Николоски најави дека поддршката за Гевгелија ќе продолжи и во наредниот период.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе