Ризова за својот лик во „Три сестри“: Сегашноста ѝ е само чекална – чувство познато на генерациите родени тука по осамостојувањето
Во „Три сестри“ на Македонскиот народен театар, Дарја Ризова ја толкува Ирина – трагичен лик кој, како што вели, не живее вистински во сегашноста, туку постојано создава проекција за иднината, додека минатото го познава само фрагментарно и преку сеќавањата на другите.
„За неа, минатото е нешто што не го познава доволно, иднината е нешто што никогаш не пристигнува, а сегашноста е само чекална“, вели Ризова.
Тоа чувство, додава таа, не го препознава само кај својот лик.
„Мислам дека е ова едно многу познато чувство, како за мене така и за речиси сите генерации родени овде од осамостојувањето до денес.“
Новата сценска адаптација на „Три сестри“, по текст на Васил Христов и Нела Витошевиќ, е напишана по мотиви на драмата на Антон Павлович Чехов. Ризова ја опишува претставата како прекрасен обид да се изгради засолниште од човечност во свет кој инаку би бил неподносливо празен.
„Понекогаш, налик на филмска нарација, ликовите ги кажуваат и своите мисли. И тоа ги става во еден клаустрофобичен простор, без можност за бегство. Ги принудува да се соочат со себе и со реалноста што ги опкружува“, вели таа.
Особено значајна за Ризова е и соработката со режисерката Нела Витошевиќ, со која, како што вели, конечно добиле можност да работат заедно токму на драма што отсекогаш ја посакувала.
