Од 23 септември до 5 октомври во НУ ЦК „Трајко Прокопиев“ во Куманово се одржува 29. меѓународен фестивал „Денови на комедија“. Во текот на фестивалските денови, публиката има можност да проследи театарски претстави исполнети со хумор, квалитетна актерска игра и препознатлива фестивалска атмосфера преку изведба на театрите од Македонија и земјите од регионот.
Претставата која секогаш го полни гледалиштето до последното место, комедијата од Марк Камолети, во режија на Марјан Георгиевски, на Битолскиот театар е дел од овој фестивал и ќе биде изведена на 2 октомври од 20 часот.
Недоразбирања, тајни, љубовни заплети и урнебесни пресврти секогаш ја тераат публиката да се смее од почеток до крај.
Зошто комедија? Затоа што премногу долго сме сериозни. Живееме во време на прегласни информации и постојани кризи. Научивме како да бидеме загрижени, заборавивме да се смееме. Затоа сега е време за Камолети – светскиот крал на фарсата и мајсторот кој знае како хаосот да го претвори во лек. „Секстет“ е комедија која остава без здив. Оваа претстава е создадена за да биде вечер за чиста радост. Темпо кое не дозволува здив и актери кои во овој хаос влегуваат со смртна сериозност.
Во претставата играат: Бернар -Николче Пројчевски, Жаклина-Катерина Аневска Дранговска, Роберт -Александар Димитровски, Сузан-Сандра Грибовска Илиевска, Сузет -Анастасија Чипуровска, Џорџ-Борче Ѓаковски.
Костимографијата е на Андреј Георгиевски, сценографијата на Влатко Чачоровски, музика – Александар Димовски.
Ова не е претстава што се раскажува – ова е претстава што мора да се доживее.
