Земјите од Г7 ќе ослободат до 100 милиони барели нафта и дизел од резервите, со цел да се намалат стравувањата од недостиг што предизвикаа нагло зголемување на цените, објави Би-Би-Си.
Мерката вклучува „значително ослободување“ на дизел во рок од 20 дена, а земјите членки разговараат и за „дополнително ослободување на дизел по потреба“, соопштија лидерите на Г7.
Групата на најразвиени економии, во која е и САД, наведува дека мерката ќе започне веднаш и ќе трае четири месеци.
Според договорените мерки, кои следуваат откако американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека ќе забрани извоз на дизел, земјите од Г7 нема да воведуваат „ограничувања на извозот на енергија и енергетски производи“ меѓу себе.
Г7 ја сочинуваат САД, Велика Британија, Канада, Јапонија, Германија, Италија и Франција, а Европската Унија исто така учествува на нивните состаноци.
Трамп претходно предупреди дека ќе го забрани извозот на дизел од САД доколку европските земји не се согласат да пуштат поголем дел од сопствените резерви на пазарот. Тоа би помогнало да се намали притисокот врз цените за американските потрошувачи пред ноемвриските избори за Конгресот, но истовремено би можело да ги зголеми цените на други пазари.
Во петокот Трамп на социјалните мрежи напиша дека Европа се согласила да ослободи „огромна количина“ од своите големи резерви на дизел и дека процесот ќе започне веднаш.
Неговиот министер за финансии Скот Бесент претходно изјави дека американските земјоделци, превозници и компании „не треба да го носат товарот“ додека цените растат.
Подоцна во Белата куќа, Трамп рече дека забраната за извоз на дизел „никогаш навистина не била на маса“.
Осврнувајќи се на одлуката на Г7 да ослободи гориво од резервите, тој рече дека „тоа што го направи Европа е одлична работа“.
Трамп првпат изјави дека ја поддржува забраната за извоз на дизел на почетокот на минатата недела, а во четвртокот сè уште ја разгледуваше оваа можност, додека неговата администрација вршеше притисок врз Европа да ги искористи своите резерви.
По состанокот на лидерите на Г7, францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека групата се согласила, во координација со Меѓународната агенција за енергетика (ИЕА), да ослободи резерви од „до 100 милиони барели“ во период од четири месеци.
Велика Британија на состанокот ја претставуваше министерот за надворешни работи Ед Милибанд, кој рече дека мерките ќе помогнат „да се стабилизира снабдувањето со енергија, да се зајакне отпорноста на синџирите на снабдување и да се заштитат домаќинствата и компаниите од ценовни шокови“.
„Ќе ги спроведеме нашите обврски преку координирано ослободување на 100 милиони барели преку ИЕА, кое ќе започне веднаш и ќе трае четири месеци, вклучително и значително ослободување на дизел во првите 20 дена од страна на земјите членки на Г7 и партнерите“, наведоа лидерите на Г7 во заедничко соопштение.
Сè уште не е јасно кои партнерски земји ќе ослободат дел од своите резерви, ниту со која брзина ќе се одвива процесот.
Цената на глобалниот референтен тип сурова нафта „брент“ накратко падна под 100 долари за барел, но до петокот вечерта повторно се искачи на околу 102 долари.
Пред САД и Израел да го нападнат Иран, цената на „брент“ изнесуваше околу 73 долари за барел.
