Коските на цар Самoил треба да се вратат на местото каде што беа пронајдени, жестоки реакции за договорот меѓу Бугарија и Грција
Размената на посмртните останки кои се поврзуваат со цар Самуил за артефакти од Првата светска војна што ѝ припаѓаат на Грција предизвика остри реакции во Бугарија и Грција.
Дел од бугарските интелектуалци и историчари сметаат дека случајот се користи за политички цели во пресрет на претседателските избори во земјата, предупредувајќи дека може дополнително да ги заостри односите меѓу Софија и Скопје.
Бугарскиот историчар Александар Стојанов оцени дека медиумската еуфорија околу враќањето на останките во Бугарија може да биде искористена за политички маркетинг.
Тој потсетува дека тезата оти Самуил бил погребан на островот Свети Ахил не претставува целосно потврдена историска вистина, туку хипотеза заснована врз толкување на археолошките наоди и историските извори.
Според Стојанов, сепак, тоа нема да ја спречи националистичката реторика во Бугарија и дополнителното вжештување на односите со Македонија.
Сличен став има и бугарскиот историчар и автор на документарниот филм „Островот на цар Самуил“, Горан Благоев. Тој прави разлика меѓу термините „враќање“ и „давање“ на останките.
Благоев го критикува начинот на кој се претставува договорот и смета дека, доколку аргументот е историски, останките би требало повторно да бидат погребани на местото каде што биле пронајдени – во базиликата „Свети Ахил“ на островот Свети Ахил во Преспанското Езеро.
