Во Македонскиот културно-информативен центар во Софија, на 8 октомври (четврток), со почеток од 18:30 часот, ќе се одржи отворањето на самостојната изложба „KIDLY“ на младата уметница Арбана Дехари од Тетово.
Изложбата е составена од дваесетина дела – портрети на деца, насликани врз платно со маслени бои.
За самостојната изложба „KIDLY“ од м-р. Енеса Мемети:
Овладувањето на портретот претставува едно од најсложените достигнувања во фигуративната уметност и вештина со која не располага секој уметник. Да се наслика портрет не значи само да се репродуцираат цртите на едно лице; тоа е обид да се проникне подлабоко од надворешниот изглед, да се доловат една состојба, еден карактер и фрагмент од внатрешниот свет. Во таа смисла, портретот станува тивок дијалог меѓу она што се гледа и она што се чувствува.
Во овие портрети на деца, детството се појавува како жив универзум на емоции, спонтаност и невиност. Арбана не се задржува само на физичката сличност, туку ја бара емоционалната суштина на моментот, претворајќи ги погледот и мимиката во носители на карактерот.
Мајсторството во истражувањето на формата, пропорцијата и пластичноста сведочи за консолидирано познавање на дисциплината на портретот. Лицата се градат преку чувствителен однос меѓу светлината, сенката и полутоновите, давајќи ѝ на фигурата волумен, мекост и човечко присуство.
Хроматската палета, потпрена на топли, земјени и хармонични тоналитети, создава интимна и поетска атмосфера. Бојата не функционира само како описно средство, туку и како емотивен јазик, определувајќи ја духовната температура на секој портрет.
Концентрираната композиција, контролата на заднината и односот меѓу контрастот, рамнотежата, ритамот и акцентот сведочат за професионалност во управувањето со елементите и принципите на фигуративната уметност. Секој елемент се чини дека ѝ служи на целината, притоа задржувајќи ја фигурата како центар на визуелната комуникација.
На крајот, овие дела можат да се читаат како медитација за времето и сеќавањето. Детството, кое постои само за еден миг, преку сликарството добива еден вид вечност. Еден поглед, еден гест, една невина тишина се претвораат во траги на сеќавањето. И токму тука лежи моќта на портретот: да го зачува она што времето го менува, но што уметноста може да го направи незаборавно.
