Балканот викендов го очекува значителна промена на временските услови, со пообилни врнежи, грмежи и засилен ветер, предупредува метеорологот Славчо Попоски.
Според неговата прогноза, продорот на студен воздух од северозападна Европа ќе придонесе за формирање на секундарен циклонски систем над Џенова, кој ќе влијае врз времето во поголемиот дел од Балканот.
Промената ќе започне уште во четврток, 8 октомври, а особено нестабилно време се очекува во петок и во текот на викендот, на 10 и 11 октомври.
Попоски прогнозира појава на поројни врнежи, силни грмежи и засилен ветер, а локално не се исклучува ниту град. На подрачјето на Јадранот, според него, постојат услови и за појава на пијавици или торнада.
Најобилни врнежи се очекуваат долж Јадранското приморје, во југозападните делови на Босна и Херцеговина, Црна Гора и Албанија. На овие подрачја локално може да наврнат меѓу 90 и 150 литри дожд на квадратен метар, а на одделни места и повеќе од 200 литри.
Поради интензитетот на врнежите, Попоски предупредува на можност од поројни поплави и апелира граѓаните во погодените региони да бидат внимателни.
Во Македонија, исто така, се очекуваат повремени врнежи од дожд, кои на места ќе бидат пообилни, особено во западните предели. Таму локално може да наврнат над 30 литри дожд на квадратен метар.
