Нови правила во областа на оружјето најави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, нагласувајќи дека целта е да се олеснат процедурите за граѓаните кои ги исполнуваат законските услови, но истовремено да се зајакне контролата врз поседувањето и употребата на оружје.
Тошковски говореше на свеченоста во Народниот театар во Велес по повод 80-годишнината од основањето на Ловечката федерација на Македонија. Тој им го честиташе јубилејот на членовите на Федерацијата и на генерациите ловци кои придонесувале за развојот на ловството во земјата.
Осврнувајќи се на реформите во областа на оружјето, министерот рече дека при преземањето на функцијата било утврдено оти повеќе од 5.000 граѓани ги исполнувале условите за добивање дозвола, но не ја добиле. Во исто време, според него, оружје поседувале и лица кои не требало да го имаат.
„Таков систем не е ни праведен, ни безбеден. Затоа го сменивме“, истакна Тошковски.
Една од новините е електронската платформа преку која ќе се поднесуваат барањата за набавка на оружје. Предвидено е и укинување на обврската за претходно одобрение за набавка на муниција, додека МВР преку централен електронски систем ќе има увид во набавените количини.
Новиот Закон за оружје предвидува и можност со едно барање да се побара набавка на повеќе парчиња оружје, како и регулирање на полнењето муниција.
Меѓу предложените промени е и проширувањето на сокорисничкото право, а рокот за регулирање на наследено оружје ќе биде продолжен од два на четири месеци.
