Мета ќе плати казна од 25 милијарди долари во Ново Мексико заради загрозување на приватноста на податоците

Судија во Ново Мексико нареди на компанијата „Мета“ да ѝ исплати на сојузната држава 25 милијарди долари, откако поротата утврди дека компанијата ги довела во заблуда потрошувачите во врска со приватноста на нивните податоци. Ова претставува една од најголемите финансиски казни во историјата на САД.
Пресудата е донесена во случај што произлезе од обвинувањата дека „Кембриџ аналитика“ британска фирма за политички консалтинг која беше вклучена во претседателската кампања на Доналд Трамп во 2016 година  дошла до податоци на милиони корисници на „Фејсбук“ без нивна согласност. Ново Мексико ја тужеше „Мета“, обвинувајќи ја дека ги лажела корисниците на „Фејсбук“ во оваа сојузна држава за тоа кој има пристап до нивните податоци.
„Неправилното постапување на ’Фејсбук‘ – кое се одвивало со години и систематски било претставувано пред јавноста – навлегува во самата суштина на основните деловни практики на ’Фејсбук‘“, напиша судијата Френсис Метју во својата одлука, која беше објавена повеќе од три недели по изрекувањето на пресудата.
Судијата Метју утврди дека, според законите на сојузната држава, би била оправдана казна од над 219 милијарди долари, но сепак ја намали сумата на 25 милијарди долари.
Во изјава за јавноста, Си Џеј Махони, главниот правен директор на „Мета“, изјави дека компанијата е уверена оти ќе ја добие жалбената постапка.
„Оваа пресуда, како и пристапот на јавниот обвинител кон спроведувањето на оваа мерка, го прават водењето бизнис во сојузната држава Ново Мексико речиси невозможно“, рече Махони. „Во својата суштина, оваа тужба има за цел да наметне данок на говорот, со цел да се спроведат нови правила за тоа што луѓето смеат да зборуваат онлајн.“
Јавниот обвинител на Ново Мексико, Раул Торез, во изјава по пресудата наведе дека оваа казна е една од најголемите финансиски санкции изречени против некоја корпорација во историјата на САД.
Претходно, во 2019 година, „Мета“ се соочи со казна од 5 милијарди долари од страна на Федералната трговска комисија на САД, поради скандалот со „Кембриџ аналитика“.
Шест други сојузни држави ги решија своите тужби против „Мета“ во врска со „Кембриџ аналитика“ преку спогодба вредна 459,2 милиони долари. Ова беше дел од поширока спогодба со повеќе сојузни држави, во вкупна вредност од 17,1 милијарда долари, која компанијата ја постигна во август за да ги реши тврдењата дека нејзините платформи му наштетиле на менталното здравје на тинејџерите.
Главниот обвинител на Ново Мексико ја тужеше Мета во 2021 година по откритијата дека Кембриџ Аналитика собрала лични податоци од дури 87 милиони корисници на Фејсбук преку апликација од трета страна.
Државата ја обвини Мета дека ги лажела корисниците на Фејсбук во Ново Мексико за тоа кој имал пристап до нивните податоци и како се справувала со говорот на омраза и дезинформациите објавени на платформата. Се тврдеше дека компанијата знаела дека трети страни имаат широк пристап до податоците на корисниците и толерирала говор на омраза или друга штетна содржина кога тоа им користело на профитот на компанијата.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе