Предупредувања за нуклеарен напад и зрачење во Украина, властите велат системот за јавно известување е хакиран
Украинските воздухопловни сили во неделата соопштија дека апликацијата за јавно известување за воздушни напади била хакирана.
Апликацијата, за краток временски период, прикажуваше предупредувања за Киев и други области, вклучувајќи предупредувања за нуклеарна и хемиска опасност, како и за закана од борби на улиците. Во една погрешна порака се наведуваше дека е употребена руската хиперсонична ракета „Орешник“.
„Се чини дека апликацијата за воздушни предупредувања била изложена на непријателско влијание“, објавија воздухопловните сили на „Телеграм“. „Не постои опасност од зрачење! Останете смирени и следете ги нашите известувања на нашиот канал!“
Украинското Министерство за дигитална трансформација соопшти дека апликацијата не била во функција, но дека другите начини за известување на јавноста, како и сирените за воздушни напади, функционирале нормално.
Во посебен случај, мобилната апликација на руското Министерство за вонредни состојби била цел на масивен сајбер-напад, што довело до ширење лажни информации до јавноста, пренесе државната новинска агенција ТАСС, повикувајќи се на соопштение од Министерството рано утрово.
Засега не е јасно дали овие два инцидента се поврзани.
