Под наслов ФЕМИНА 8: „Женска книга, феминистичко писмо, политичко тело“ на 12 ноември вo 18.30 часот, во „Maла станица“ при Националната галерија, Скопје, ќе биде отворена изложба чија кураторка е д-р Сузана Милевска.
Организатор e Друштвото на ликовните уметници на Македонија -ДЛУМ, a изложбата е дел од актуелното одбележување на 80 – годишнината од неговото постоење.
Таа ќе обедини седум феминистички уметнички позиции на aвторките: Кристина Божурска, Лилјана Ѓузелова, Зорица Зафировска, Ана Лазаревска, Јана Маневa–Чупоска, Шќипе Мехмети и Виолета Чаповска. Изложбата е посветена на Лилјана Ѓузелова (1935-2018) и на нејзиното последно дело „Женска книга“, 2010, (обезбедено со љубезна позајмица од нејзиниот син, Игор Хаџи-Бошков).
Посетителите ќе имаат можност до 23 ноември да ја погледнат и феминистичката нестабилна микроархива на д-р Сузана Милевска, којашто опфаќа постери, текстови, уметнички книги, фотографии, документи и видеопроекции поврзани со проекти од авторките: Џемилиана Абдулова / Марија Трпеска, Ноа Гур, Христина Иваноска, Сања Ивековиќ, Шејла Камериќ, Тања Остојиќ, Мерете Ростад, Елизабет фон Самсонов, Естер Штраус како и од групата „Женски круг “.
Предвидено е и секојдневно одржување на дебати, предавања и проекции кои во „Мала станица“ ќе започнуваат во 18 часот. На 13 ноември ќе се одржи панел-дискусија со учесничките на изложбата, а на 14, 15 и 16 ноември д-р Сузана Милевска ќе одржи предавањa под наслов „Краток речник на феминизам и уметност“. На програмата се и секојдневни видеопроекции.
Втората панел-дискусија посветена на улогата и моќта на соработката меѓу уметноста и феминистичкиот активизам, со учество на Салија Беќир -Халим, Мања Величковска, Искра Гешоска, Јана Манева-Чупоска и Ирена Цветковиќ ќе се одржи на 22 ноември.
ФЕМИНА 8: „Женска книга, феминистичко писмо, политичко тело“ е деветто издание на долгорочниот изложбен проект ФЕМИНА 8, инициран во 2015 година од уметницата и кураторка Јана Манева–Чупоска, актуелната претседателка на ДЛУМ. За првпат, годинешново негово издание што се реализира во рамки на програмата за одбележување на 80-годишнината на ДЛУМ, го курира д-р Сузана Милевска.
„…Изложбата ФЕМИНА 8: „Женска книга, феминистичко писмо, политичко тело“ се надоврзува на долгогодишниот ангажман на д-р Сузана Милевска во областа на истражувачки заснованата феминистичка уметност. Уште во својот есеј „Феминистичко истражување во визуелните уметности“ од 2013 година, таа аргументираше дека феминистичките уметнички биле меѓу првите што развивале истражувачки пристапи во уметничкото творештво, поттикнати од потребата да го оспорат систематското исклучување на жените од доминантните истории на уметноста.
