ШТИП: СДСМ ја фрли ракавицата, д-р Сашко Николов кандидат за градоначалник, ВМРО ДПМНЕ пред одлука за бојкот на изборите во Штип!
Штип, 04.11.2020
Д-р Сашко Николов, интервентен кардиолог, актуелен пратеник е кандидатот на СДСМ и коалиционите партнери за градоначалнк на Штип на предвремените избори закажани за 13 декември, годинава. Избори за нов татко на градот под Исарот ќе има бидејќи поранешниот градоначалник Благој Бочварски стана дел од Владиниот кабинет како министер за транспорт и врски.
Во Штип со нетрпение се очекува(ше) изборот на ВМРО ДПМНЕ но до овој момент таква информација нема. Сепак денес, угледниот портал politika.com.mk објави речиси шокантна вест: дека опозициската партија нема да учествува на изборите во Штип!
Еве што пишува цитираниот портал:
-Според извори од ИК на ВМРО ДПМНЕ во текот на вчерашниот ден се одржал состанок помеѓу тројцата клучни водачи на ВМРО ДПМНЕ, Антонио Милошоски, Христијан Мицкоски и Александар Николоски, со цел да се договорат за заеднички настап на денешниот состанок на ИК на ВМРО ДПМНЕ, кој ќе се одржи во попладневните часови.
Одлуката на тројцата лидери на партијата е да се бојкотираат локалните избори во Штип, со цел на истиот начин како за време на референдумот, да докажат дека доколку ВМРО ДПМНЕ учествувало на избори ќе победело со над 60% гласови, но не излегува поради корона кризата.
Проценката е дека ВМРО ДПМНЕ сигурно губи на овие избори од СДСМ, а тоа ќе биде аргумент плус за пучистите да побараат вонреден Конгрес на партијата на кој ќе биде сменет Мицкоски од лидерската позиција. Мицкоски се надева дека со бојкот на избори ќе се спаси од промена, без да биде загрижен дека ВМРО ДПМНЕ постојано губи од кога е тој на функции во партијата, а голем дел членови кои се бореле за го спречат СДСМ да дојде на власт, лежат по затвори.
Ова е веста која ја објави порталот politika.com.mk, па иако оваа вест делува најблаго речено шокантно, во Штип месец дена се споменува(ше) таквата можност. Дека опозициската партија нема да учествува на овие избори и дека ќе се повика на корона вирусот. Сепак триесеттина дена во градот се говори дека ВМРО ДПМНЕ ќе ја чекал одлуката на СДСМ, а од изборот на нивниот кандидат ќе звисела одлуката за одење/неодење на избори. Откако во ВРМРО ДПМНЕ го дознале името на д-р Сашко Николов, се решиле на бојкот на изборот зашто сите анкети, и на СДСМ и на нивната партија укажувале на убедлива победа на владеачката партија ако токму д-р Николов биде нејзин кандидат.
Дали во оваа грмушка лежи зајакот наречен бојкот, останува да се види во наредните неколку дена.