Штип, 26.01.2021
- Кон најновата претстава на Штипскиот театар „Пасивно пушење“ на Небојша Ромчевиќ, во режија на Ненад Витанов.
Велат дека авторот ја доживеал приказната. Ја препишал од животот како некогаш Војдан Чернодрински „Македонската крвава свадба“. Чернодрински, препишувал од турското, авторот на пиесата „Пасивно пушење“, од денешното-времето на тероризамот и борбата против него. Ја избрал фарсата како најпогоден модел за личен став кон тероризмот како светски реалитет. Не случајно фарсата се јавува како исход од средовековниот светоназор заглавен во летургиската драма, мистериите и мираклите.
Животната стварност е предизвик за секој што сака да ја оформи личната перцепција надвор од митолошките влијанија. Стравот е рак рана на конформизмот, тероризмот исто така. Современиот човек го гледа пред својата врата, на прагот подготвен да му влезе дома, да се одамаќини со сета трагика што ја носи со себе. Ромќевиќ не е имун на она на кое не е имун современиот свет. Знае да се плаши, но знае и од материјалот што му го нуди стравот да направи штоф од кој може да се скрои одело за кловновска игра. И направил.
Агонот во пиесата „Пасивно пушење“, му го водат типизирани ликови. Тоа значи дека дејствието не го гради врз карактерните особености на ликовите. Дејствието помага, на очиглед на сите, да излезат на видело нивните карактерни особености. И излегува нешто што го поразува човековиот бит. Клиентелизмот се претвора во идеологија. Наоружани со ниски страсти протагонистите на драмскиот нагон го победуваат разумот и ја оставаат лудоста да живее како разиграна куртизана на барска маса. Повод за брза зделка со ѓаволот. Важното е, налик да сме безпрекорни. Токму така изгледаат Ромчевите царинските работници и полицијата на аеродромот во Париз. Делуваат дека се подготвени пожртвувано да се впуштат во нерамна борба со сомнителната персона окарактеризирана како опасен терорист. Додека ја чекаат екстрадицијата им се раѓа идеја да тргуваат со обвинетиот-терористот, на кого веќе гледаат како на предмет за остранување на личните егзистенцијалните проблеми. Омајната идеја на која и се приклучува и претставник на меѓународна организација за борба против тероризмот и ги разбива компјутерските податоци кои во целост ја ослободуваат персоната од квалификативот опасен терорист.
Во теоријата на драмата постои став дека авторот не ја става точката на крајот од делото, туку му го остапува тоа на режисерот, овој на актерите, а тие пак заедносо сите сценски реалитети на публиката. Во сценскиот израз на делото на Ромчевиќ, продукција на Штипскиот театар, режисерот не отишол подалеку од точката на авторот. Актерите пак, исклучок е Пеце Ристевски кој е бриљантен во сите три рољи, со пренагласената игра резултат на повишена сценска артикулација, гестакулација и гласовни форми кои се појавуваат како префикси на речениците, остваат впечаток дека површината на чинот и е доволен материјал за сценска доработка на ликовите.
Сценографијата е функционална, светлото иако е работно делува функционално.
Со еден збор претставата влева надеж дека сценскиот израз на Народниот театар од Штип, како упатена порака се приближува до адресантот-публиката која со години чека да биде активен актант.