Кочани, 13.02.2021
На покана на „Пејпер Мил“ од Кочани, претставници на Одборот за Здрав Живот во Кочани остварија средба со претставници на менаџментот на „Пејпер Мил“ фабриката за рециклирање на хартија. На средбата се разговараше за ставовите на невладините организации и за идните планови за можно рестартирање на фабриката.
Менаџментот на „Пејпер Мил“ информираше дека фабриката во целост ја почитува одлуката на Инспекторатот за животна средина и во моментот процесот на производство е прекинат, фабриката не работи, 120-те вработени не одат на работа, а во моментот во тек е набавка на опрема за унапредување на технолошкиот процес. Mенаџментот на фабриката верува дека ќе успее да го рестартира работењето на почетокот на април.
„Во рамки на активностите за подготовка на фабриката за рестартирање, важно ни е да оствариме отворен дијалог со сите чинители во локалната заедница. Токму затоа, важно ни беше да се сретнеме и да разговараме отворено за нашите предизвици во „Пејпер Мил“ за повеќе аспекти, но и да го слушнеме мислењето на невладините огранизации, да одговориме на нивните прашања. Верувам дека овој дијалог ќе продолжи и дека во интерес на сите во Кочани е да ги вратиме вработените на работа, да го рестартираме процесот на рециклирање на хартија и да работиме и живееме во чиста и здрава средина.“ – изјави на средбата Јулијан Даскалов, генерален директор на Пејпер Мил Кочани.
Претставниците на Одборот за Здрав Живот Кочани, го поздравија отворањето на дијалог од страна на „Пејпер Мил“ и на средбата ги претставија своите заложби за обезбедување на здрава животна средина во Кочани.
„ Целта на нашата организација е да обезбедиме здрав живот и здрава животна средина во заедницата каде живееме. Сметаме дека е позитивен гест што започнуваме дијалог со деловните субјекти во Кочани. Се надеваме дека со новата опрема и новиот филтер кој ќе го постави фабриката ќе се подобри квалитетот на воздухот, а ние и поинатаму будно ќе ја следиме работата на Пејпер Мил. Од институциите ќе бараме перманентна контрола на воздухот кој ќе го продуцира по инсталацијата на новата технологија се додека не добиеме квалитетен воздух кој нема да им влијае на здравјето на граѓаните. Немаме против било кој субјект да работи, но здравјето на луѓето мора да биде на прво место. Во иднина ќе ги следиме сите посочени субјекти како загадувачи и нема да има амнестирани загадувачи. Во насока на унапредување на животот во Кочани, нашата организација работи во повеќе области и на повеќе проекти за заштита на животната средина со повеќе чинители“, изјави Зоран Тодоров од Одбор за „Здрав Живот“ во Кочани.
Преставниците на граѓанскиот сектор имаа можност и одблизу да се запознаат со опремата и технологијата во Пејпер Мил.
И од невладините организации и од фабриката беше искажана подготвеност дијалогот да продолжи и во иднина во насока на остварување на заедничката цел на сите во Кочани – гасовод во Кочани, одржливо долгорочно работење, стабилни вработувања и здрава животна средина.