Компаниите кои работат во технолошко-индустриските-развојни зони (ТИРЗ) и кои учествуваат со 47 отсто во вкупниот извоз на земјата, минатата година оствариле вкупна добивка од 4 милијарди денари (65 милиони евра), што е за околу 40 отсто помалку во споредба со 2019 година, а тоа е резултат на намалената активност до средината на лани. Вкупните приходи, пак, биле 135 милијарди денари, што е помалку за 9,4 отсто од 2019 година. Со добивка работеле 47 компании, а со реална загуба 53, поради инвестицискиот циклус. Сепак, нема намалување на вкупниот број на вработени во ТИРЗ-те, и покрај пандемијата со ковид-19. Тој е стабилен и во просек лани е зголемен за 0,64 отсто во споредба со 2019 година. Три компании лани имале ист број на вработени како и претходната година, 18 го зголемиле бројот на работници, а 9 работеле со помалку работници.
Овие податоци денеска ги презентираше директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски, кој додаде дека, според досегашните договори со постојните инвеститори, во наредниот период треба да се реализираат дополнителни 7.500 нови работни места. Просечната плата на вработените во ТИРЗ-те во 2020 изнесувала 37.658 денари, а тенденција е таа да се зголемува и да биде повисока од просекот на државата.
„Тоа ќе се постигне најмногу ако се привлекуваат поголем број на компании од сектори со поголема додадена вредност, како фармацевтскиот, на пример, и други слични инвестиции кои се во најава. Се разговара и за менување на критериумите за државната помош на компаниите во зоните, зависно од дејноста на која припаѓаат и бројот на вработените“, рече Деспотовски.
Тој додаде дека вкупните уплати на сите компании по основ на продонеси од плата во државната каса, лани изнесувале 1,8 милијарди денари, во споредба со 1,6 милијарди денари во 2019, а разликата од остварените приходи на компаниите и исплатата како државна помош, изнесува околу 30 милиони евра, директни пари во буџетот. Државната помош за овие компании лани била 393 милиони евра, по основ на ослободување од даночна добивка.