Кочани, 15.04.2021
Во рамки на пробниот период на работење на фабриката за рециклирање на хартија Пејпер Мил од Кочани во одводните канали, вчера е испуштена прочистена техничка вода која во својот состав има нештетен калциум карбонат, односно таканаречен воден каменец, кој дава бела боја на истечната вода. Постојаните испитувања од лабораторијата на фабриката покажаа вредности кои се целосно безбедни за здравјето и за природната средина. Пејпер Мил информира дека во рамки на пробниот период на прилагодување и унапредување на процесите за рециклирање и производство на хартија не се предвидени други емисии на вода од фабриката.
Пејпер Мил потсетува дека по завршувањето на двете фази на имплементацијата на прочистителна станица во последниот квартал од минатата година, емисијата на технички води беше значително под дозволените граници и безбедна за околината, што беше утврдено и со мерењата и инспекциите на надлежните институции. Дополнително, по започнување со целосно оперативно работење Пејпер Мил ќе ја започне и последната фаза за завршување на прочистителната станица за отпадни води, инвестиција во износ од 300.000 евра, која е тесно поврзана со работењето на фабриката заради извршување на потребните тестирања и набавки на потребната опрема.
Пејпер Мил останува отворен за соработка со сите институции за да се утврди квалитетот и обемот на евентуалните емисии од страна на надлежните институции и ја информира јавноста дека по поставувањето на вреќестиот филтер досегашните интерни мерења во рамки на пробното работење укажуваат на значително намалување на емисиите во воздухот и влијанието на животната средина, со што во целост се исполнуваат гаранциите на производителот на опремата за трикратно помали емисии од дозволените. По петнаесет-дневниот пробен период на работење и по одобрувањето на акредитираната светска лабораторија од страна на надлежните институции ќе се изврши официјално мерење.
На почетокот на април по поставувањето на вреќестиот филтер Пејпер Мил започна со пробна работа, како основа за рестартирањето на фабриката, по времениот прекин на производствениот во времетраење од повеќе од два месеци, рекоа од оваа компанија.