Охрид, 30 април, 2021
Уште напладне, велигденско – првомајска атмосфера во Охрид. Полни кафулиња, паркови, шеталишта, пловни објекти по езерото…
Првиот македонски туристички центар, поприлично исполнет, налик на главна сезона.
Најповеќе гости од Скопје и други македонски градови, кои овде имаат викенд куќи и викенд станови. Од соседството – од Србија, Бугарија, Албанија…
Хотелиерите и помалите станоиздавачи задоволни, особено во најтесното градско подрачје.
На хотелиерите и угостителите, продолжениот викенд, бездруго, ќе им донесе одредена заработувачка. А, што ќе им донесе на медицинските работници, останува да се види.
Искуствата од претходните слични прилики се поразителни.
Поразително е и сознанието, дека, нема чувство и сочувство кон медицинските лица, кои, нашата опуштеност и неодговорно однесување, ги чини многу труд, жртвување и самооткажување, а понекогаш и предвремено заминување од овој неправеден свет.
Мерките не се почитуваат, во однесувањето, особено на помладите, како ништо да не се случува околу нас, како, веќе да ги заборавивме вчерашните педесетина Ковид-жртви, додека бројката од почетокот на пандемијата ита кон бројката од 5.000 (процентуално сме лидери во Европа!), а доколку сте подзаборавиле, на почетокот, здравствените власти оперираа со бројака – до 2.000 заболени.
Веле Митаноски