БЕРОВО: Пожар покрај езерото брзо се појави и брзо беше локализиран, туристичкиот бисер Аурора не беше загрозен
Берово, 30.04.2021
Денес околу 14,30 часот избувна пожар покрај Беровско езеро, а во близина на туристичкиот бисер Аурора. Од ТТПЕ Берово чија екипа во рекордно брз рок стигнала на местото на пожарот велат дека е опожарена површина од половина хектар.
-Интервениравме со две возила, цистерна и возило „бремач“. Во гаснењето учествуваа четири пожарникари на кои помош им пружија и вработени во комплексот Аурора како и туристи кои беа покрај езерото. Во моментот пожарот е локализиран, но наши екипи остануваат во обиколка на теренот, информираше Сашко Руменовски, командир на ТТПЕ Берово, а објави порталот Малеш нет..
Славе Сирачевски, сопственик на Аурора упати јавна благодарност до беровските пожарникари за одлично завршената работа.
-Тие бргу стигнаа не местото на кое се појавија пламените јазици, а кое од комплексот Аурора беше оддалечено од сто до двестотини метри. Веднаш се активираа и нашите вработени ставајќи го во функција нашиот систем-хидрантот кој има многу голем притисок и долгите црева. Аурора како туристички комплекс од вакви работи е обезбедена со високи ѕидови но најважно е тоа што се сопре пожарот да не направи поголема штета на шумите, ни изјави Сирачевски.
Беровските пожарникари остануваат и вечерва на дежурство за да спречат секакво можно непријатно изненадување. Неофицијално се зборува дека пожарот настанал откако некој од гостите покрај езерото со петарда се обидел да убие змија која се појавила на тој преубав предел.
Сепак, точната причина за пожарот ќе биде позната по извршениот увид.