Македонска Каменица, 06.05.2021
Единаесет млади лица ќе имаат можност да ги зголемат своите знаења и да стекнат практични вештини од областа на електротехниката и машинството, преку обуката која во следните три месеци ќе ја посетуваат во Тренинг центарот на Рудник САСА.
Обуката се одвива со физичко присуство, со почитување на сите безбедносни протоколи и превентивни мерки за заштита од Ковид-19, а ја изведуваат искусни предавачи и обучувачи од Рудник САСА и надворешни партнерски компании.
Учесниците кои успешно ќе ја поминат обуката ќе добијат соодветни сертификати кои се признаени од државата, а оние што ќе покажат најдобри резултати во текот на обуката ќе се стекнат со дополнителни поени при аплицирање за работа во рудникот САСА. Во текот на траењето на обуката, учесниците ќе добиваат месечен надоместок од компанијата за покривање на нивните трошоци.
За да учествуваат на обуката, кандидатите требаше да се пријават на огласот што беше објавен од компанијата и воедно да ги исполнуваат следниве минимални услови – да имаат соодветно средно образование, да поседуваат организаторски способности и да се прилагодливи на тимска работа.
Овие обуки, како и работата на Тренинг центарот, се дел од стратешка определба на Рудник САСА за континуирано вложување во областите кои се значајни за просперитетот на локалната заедница, како и во ресурсите кои обезбедуваат продолжување на работниот век на најголемиот рудник за олово и цинк во земјата.