Кочани, 16.06.2021
Европскиот зелен појас (European Green Belt) ја наградува општина Кочани за нејзините напори во зачувување на природата. Церемонијата на доделување на признанието е закажана за утре, 17 јуни, во 10 часот во инфо центарот на Пониква.
Европскиот зелен појас ги симболизира глобалните напори за заеднички прекугранични активности за зачувување на природата и одржлив развој. Покрај тоа, иницијативата има за цел подобро усогласување на човековите активности со природната средина и да ги зголеми можностите за социо-економски развој на локалните заедници.
Во сите 24 земји, опфатени со иницијативата, се номинира една општина која најмногу допринела за зачувување на природата. Овој пат одбрана е Општината Кочани, па затоа градоначалникот Николчо Илијев ќе ја прими наградата. На настанот ќе се обрати Габриел Швадерер, претседателот на Европскиот зелен појас и амбасадорката на Германската амбасада, Анке Холстеин.
Настанот е дел од Програмата за зачувување на природата во С. Македонија, проект на Швајцарската агенција за развој и соработка, во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање.