Штип, 16. 06.2021
Со мала свеченост на која присуствуваше и штипскиот градоначалник д-р Сашко Николов, денес во Штип беше пуштен во работа Аква бела ресортот, кај штипјани попознат како Аква паркот.
Се рабти за прекрасен објект во кој штипјани, а и бројни гости од блиските и нешто подалечни градови ќе можат да поминат дел од деновите во престојното жешко лето.
-Аква бела ресортот може да прими до 1.500 посетители, цените за еднодневен престој ќе изнесуваат 250 денари за деца до 17 и 300 денари за возрасни над 17 години во работните денови, а за викенд деновите цените ќе изнесуваат 300 денари за деца односно 350 за возрасни. Во нашата понуда се и поголем број пакети кои ќе им стојат на располагање на семејства и групни посети, вели младата менаџерка Симона Митрева, студентка на Факултетот по туризам на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.
Во цената се вклучени и користење на лежалки, користење на големиот базен со димензии 25 х 50 метри и длабочина од 50 до 190 сантиметри, двата тобогана за деца и возрасни, на децата им стојат на услуга и пиратски бродчиња, а на сите посетители и две тениски, едно кошаркарско и едно игралиште за одбојка на песок.
-Во Аква Бела ресортот се вработени околу 35 лица, сите сме млади, ентусијастички настроени, посветени на предизвикот, обучувани да ги пружиме најдобрите услуги на посетителите. Во рамките на ресортот е и прекрасниот ресторан moon и барот bob со неверојатно богата винска понуда и јадења од морски плодови, појаснува менаџерката Симона.
Градоначалникот д-р Сашко Николов рече дека Штип добива преубав објект на кој градот чекал долги години.-„Не беше во ред штипјани преку лето на капење да одат во Пробиштип или во Неготино. Штип е град кој последниве четири години забрзано се развива и урбано уредува, никнуваат прекрасни објекти како Аква Бела ресортот, а ние како локална власт секогаш сме тука да им овозможиме на инвеститорите да вложуваат зашто тоа е од интерес за сите“, рече Николов.
Работното време е од 6-24 часот со тоа што први денот го отвораат пливачите кои тука ќе тренираат.