Кочани, 09.07.2021
Кочани важи за најчист град во регионот, а денес општината доби нови 385 метални контејнери за комунален отпад, во рамки на проектот за набавка на опрема за собирање и транспорт на отпадот во Источниот и Североисточниот плански регион. Контејнерите се дел од опремата којашто, заедно со возилата за транспорт на отпадот, се обезбедени од ИПА-програмата за регионален развој на Европската Унија.
Садовите за прибирање отпад се со капацитет од 1,1 кубен метар, произведени се во Турција и според најавата од производителот, наскоро ќе почне нивната монтажа и коплетирање со неопходните механизми, по што ќе му бидат предадени на КЈП „Водовод“.
Од Одделението за локален економски развој на Општина Кочани информираа дека се очекува деновиве да бидат испорачани уште 40 вакви контејнери, со што ќе се комплетира потребниот број планирани садови за отпад.
Според информациите од КЈП „Водовод“ новите контејнери ќе бидат распоредени на повеќе локации во градот и во населените места, при што ќе бидат соодветно обележани за отпадот што ќе може да се исфрла во нив. Намерата е да се прави селекција на органскиот, од пластичниот и другиот комунален отпад, со што ќе се обезбеди негова полесна преработка во идната регионална депонија за отпад кај Свети Николе.