Навивачите на Брегалница против штписките алхемичари

Штип, 06.04.2017

  • Наспроти сето самоволие на Захариев и на Бојаџиев, столчињата на стадионот ќе бидат во сино-белата боја, а не во бојата на овие нови штипски алхемичари.

Навивачката група „Фаланга“ нема да дозволи Ангел Бојаџиев и Илчо Захариев да си играат со ФК Брегалница како со некаков паланечки клуб. Нема да дозволат двајцата натрапници во штипската политика да го присвојуваат клубот и со него да си прават што ќе си посакаат. Првиот како директор на ЈП „Исар“ и претседател на клубот, вториот како градоначалник без чие одобрување Бојаџиев не прави ништо.

Оваа двојка, која на стадион не стапнала никогаш во своите животи, одлучила новите столчиња поставени на стадинот да ги офарба во жолто. Демек, тоа било во боите на националното знаме!

Одговорот на нивната глупост дојде синоќа. Навивачка група упадна на стадионот, и со сина боја ги пречкрта жолтите столчиња на двоецот Захариев-Бојаџиев.

„На време им ставивме до знаење дека ФК Брегалница е клуб со традиција, со свое реноме, клуб кој си има знаци по кои се препознава дома и надвор во фудбалскиот свет. Не за џабе, со децении, ние навивачите пееме за штипските сини. Тие тоа мораа да го знаат, мора да знаат која е бојата на клубот и така да се постават спрема ова прашање. Но Илчо и Бојаџиев решија да терат инает, демек нема таму некои навивачи да им кажуваат која е и што е Брегалница. Мислиме дека тие сакаат да ја избришат историјата на клубот за се да започнува со нив и од нив. Тоа задоволство нема да им го дозволиме. Столчињата на нашиот стадион ќе бидат во сина или сино бела боја во каква што опрема игра клубот“, ни рекоа дел од навивачите кои ги префарбаа жолтите столчиња.

Во изјава за медиуми Ангел Бојаџиев тврди дека на штипскиот стадион ќе се играле и други натпревари (!?) па затоа решиле боите на столчињата да бидат во знакот на македонското знаме. И овој факт говори колку тој малку знае за фудбалот, за неговата историја, неговите свети симболи, знаците по кои Брегалница се разликува од други клубови. Ако Ангел мислел дека во Штип ќе игра репрезентацијата прилично се заебал зашто за такво нешто нема ни минимум услови. А ако гледа(л) фудбал во светот, досега ќе дознаел дека во Шпанија, Германија, Англија, Италија репрезентациите играт на повеќе стадиони на кои симболите се секогаш различни само реквизитите за навивање во најголем дел се исти, односно доминират илјадниците снамиња на односната држава.

Затоа столчињата на стадионот ќе бидат во сино-белата боја а не во бојата на новите штипски алхемичари.

Иван Бојаџиски

 

 

Постави коментар

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе