Свети Николе, 13.04.2017
- На отворањето на изложбата присуствуваа и голем број роднини на жените кои беа претставени на синоќешниот убав настан.
Во преубав амбиент, во Музејот на град Свети Николе, синоќа беше отворена изложбата под наслов „Жените од Свети Николе низ историјата“. Огромен беше интересот на жителите од општината кои дојдоа на отворањето на изложбата за на посебни паноа да ги видат ликовите и биографиите на жените од овчеполието. Се работи за жени кои биле првенки во својата професија или во некое хоби кое имало значење за локалната заедница но и за државата.
Организатори на изложбата се Организацијата на жени и Музејот на Свети Николе. Обраќајки им се на присутните Рахела Симеонова Манева од Организацијата на жени на овој град, рече дека идејата во „женскиот месец“ каков што го нарекуваат месецот март, на еден посебен начин да бидат претставувавани посебните жени од градот и општината ќе продолжи и идната година.
„Големиот интерес кој светиниколчани го покажаа за годинешнава изложба е вистинскиот знак дека сме ја погодиле темата и дека овој проект на Организацијата на жени нема да заврши само со оваа изложба. Посветено ќе работиме на изнаоѓање што повеќе податоци за нашите сограѓанки-жени кои биле првенки во нешто значајно со што дале голем придонес во афирмацијата на општината и на својата држава“, потенцира Симонова – Манева која го спорведе истражувањето со поддршка на тимот, а се во рамките на институционалниот грант Цивика Мобилитас.
Изложбата на слики со пригоден текст за секоја од 31-те жени кои се претставени на изложбата говори за жените кои низ историјата на оваа убава општина биле првенки во определени професии но и хобија. На отворањето на изложбата присуствуваа и голем број роднини на жените кои беа претставени на синоќешниот убав настан.
Посебен дел беше посветен на неодамна починатата Вера Златева, како долгогодишна претседателка на оваа организација која упорно и истрајно се бореше за правата на жените во нејзината општина.
Во прилог донесуваме неколку фотографии од синоќешниот настан.