Вжештувањето на конфликтот во Украина донесе и нов бран на дезинформации кај нас и во регионот. Објавена беше фабрикува насловна страница на неделниот магазин Економист, каде беа прикажани Трамп и Путин со насловот „Апокалипса“. На слична тема, од анонимни извори беше започнат лажниот наратив дека САД ќе им даде (т.е. ќе го врати) нуклеарното оружје на Украина – Џејк Саливан од Белата куќа децидно ја негираше оваа дезинформација. На социјалните мрежи циркулираше и мапа на НАТО којашто наводно официјална Москва и Кремљ ја објавиле – мапа што не може да се најде на ниту еден од официјалните канали на Русија и нивните државни медиуми. Исто така, во неколку пропагандни медиуми беа публикувани извртени цитати од шефот на воениот комитет на НАТО, Роб Бауер, така што се прикажуваше како наводно тој да рекол дека одобрува НАТО превентивно да ја нападне Русија
Познатата фраза којашто погрешно му се атрибуира на Владимир Илич Ленин, „Постојат децении кога ништо не се случува и постојат недели во кои се случуваат децении“, можеби најсликовито ги илустрира состојбите во изминативе неколку недели во финишот на годината, кога се случија повеќе сериозни политички настани.
Претседателот на Јужна Кореја, Јун Сук Јеол, прогласи воена состојба под изговор дека сака да ја заштити државата од комунисти, симпатизери на Северна Кореја и антидржавни елементи коишто владеат во националното собрание. Француската Влада официјално падна, односно во парламентот се изгласа недоверба на владата предводена од премиерот Мишел Барние. Романскиот уставен суд ги анулира резултатите од гласањето во првиот круг претседателскиот избор, бидејќи повеќе организации и агенции се сомневаат дека Кремљ и Русија „замешале прсти“ во изборите преку платформата ТикТок. Неколкудеценискиот режим на семејството Асад во Сирија беше официјално урнат, откако Дамаск падна во рацете на бунтовниците кои изминатите две недели молскавично брзо ја преземаа целата држава.
Секоја нова вест или развој на светски настани ги побудува домашните и странските теоретичари на заговор и ширачи на дезинформации во регионот и пошироко. Покрај дезинформациите на домашен терен што ги дебанкираше Вистиномер, изминатиов период беше плодна почва за застрашувачки и шокантни дезинформации од регионот.