Голем настан за етничките Македонци во Албанија: Научна конференција „80 години образование на мајчин македонски јазик “

Македонското друштво „Сонце“ од Корча, Албанија, во соработка со Универзитетот „Фан С. Ноли“ од истиот град, како и “Мрежата за промоција на јазичната различност” од Брисел, организираат научна конференција на тема: „80 години образование на мајчин македонски јазик во Албанија“.
На Конференцијата, која почнува во четврток, 19 декември, во 10,30 часот, во просториите на библиотеката „Битолски конгрес“ при Педагошкиот факултет во Корча, со свои излагања, ќе учествуваат универзитетски професори и научници од Корча, Тирана и Македонија, како и активисти од македонската заедница во Албанија.
Во рамките на настанот, ќе биде поставена изложба на фотографии и документи кои го отсликуваат образованието на македонски јазик во Албанија, како и книги на македонски јазик напишани од Македонци во Албанија.
-Целта на Конференцијата е да се одбележи значајниот јубилеј на македонското образование во Албанија, да се почитуваат и запаметат сите оние кои дале значаен придонес за развојот на образованието на мајчин јазик и да се истакне потребата за понатамошен развој на образовниот процес на Македонците во Албанија, напоменува Васил Стерјовски, претседател на Македонското друштво „Сонце“ и професор на Универзитетот „Фан С. Ноли“.
Настанот е од големо значење за промоција и зачувување на македонскиот јазик и културен идентитет во Албанија.
Во декември 1944 година, Македонците во областите на Мала Преспа, Голо Брдо и селото Врбник во Деволската област започнаа да го изучуваат македонскиот јазик во образовниот процес во Албанија.
Во промоцијата и зачувувањето на македонскиот јазик кај етничките Македонци во Албанија, имало златни периоди во минатото, но, за жал, и обиди за асимилација и злоупотреба на нивните маки, со инфилтрација на бугарски емисари и службеници на официјална Софија, во најново време.
Во областите со најголема концентрација, како Мала Преспа, Голо Брдо и селата во областа Девол, македонскиот јазик се изучувал во почетното образование, овозможено со мегудржвен договор на тогашните југословенски, односно албански власти, веднаш по Втората светска војна.
Двете земји, до 1948 година, негувале блискост и соработка, како резултат на заедничката антифашистичка војна, во која, етничките Македонци во Албанија, зеле масовно учество.
Република Македонија, тогаш, испратила група учители, мегу кои најпознат е “големиот учител од Преспа ” Никола Беровски, автор на Македонско-албански, односно албанско – македонски речин, со 10.000 поими, препечатен 2013 година, во тираж од 500 примероци, во чест на 90. годишнината од неговото раѓање.
Матичната земја, Република Македонија, во 1991 година, му го доделi високото државно признание – „Климентова награда“.
Постави коментар

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе