Таравари: Има наши доктори кои работат во странство, но би се вратиле кај нас да работат во јавно здравство
Има заинтересирани доктори кои работат надвор од државата, но бараат гаранции од нас ако се вратат, да бидат вработени во нашите јавни здравствени установи. Затоа размислуваме, секој кој работи во некоја јавна здравствена установа во ЕУ да може веднаш да се вработи кај нас, кажа денеска министерот за здравство Арбен Таравари, на брифингот со новинари. На проблемот за недостиг на медицински персонал во јавното здравство, во неколку извештаи по ред укажува и Европската комисија.
„Убаво би било лекарите да се вратат. 600 специјализанти кои ќе ги вработиме не се доволни, но толку можеме. Ќе се обидеме преку мерки, поголеми плати подобри услови, обрбедување дополнителна работа за докторите, да ги задржиме и да не ни бегаат лекарите и медицинскиот персонал од земјава“, рече тој.
Едно од ветувањата што тој ги даде е решавање на проблемот со приватните специјализанти.
„Имаме недостаток на доктори. Одлучивме тие 600 специјализанти да ги вклучиме во нашиот здравствен систем, 300 се веќе систематизирани по болници и клиники каде што недостасуваат доктори. Се видов со деканите на маедицински факултети, одлучивме да ги вработиме петте најдобри студенти од сите медицински факултети во државата. Тие, заедно со специјализантите ќе се вклучат во здравствениот систем. Планот е потоа, наместо пет, да ги вработуваме веднаш десеттемина најдобри“, рече Таравари и додаде дека сите клиники имаат инструкции да ги трансформираат договорите за работа на 1.180 лица кои се на договор на определено време.
Професори и експерти кои ги ангажирало Министерството за здравство работат на нова Стратегија за здравство до 2030 година, согласно која, ќе се укинуваат исти одделенија ако ги има во блиски градови.
„Имаме помалку доктори. Имаме болници кои се блиску една до друга, а кои имаат исти одделенија. Ако во Охрид и Струга има две болници, тогаш тие ќе се надополнуваат една со друга, нема да бидат конкурентни. На пример, хирурзите ќе работат во Струга, а интернистичките и другите оддели ќе бидат во Охрид. Вака е планот да функционираат и останатите градови кои имаат болници, а се блиску еден до друг. Камо да имаме кадар и да ги имаме сите оддели, но мораме вака да делуваме. Треба да размислуваме долгорочно како да го организираме здравствениот систем“, кажа министерот.
Во врска со проширената позитивна листа, тој кажа дека се планира истата повторно да биде проширена в година.
„Има некои лекови кои се навистина многу евтини, по 40, 50, 100 денари. Ја разгледуваме можноста да ја прошириме повторно позитивната лита, а планот е оние лекови кои се многу евтини, самите пациенти да ги плаќаат, а поскапите ние да ги плаќаме“, додаде тој.
Таравари кажа дека во катастрофална состојба се хируршките сали во болниците „8 Септември“ и во болницата во Тетово, па затоа најави реновирање на истите. За крајот на јуни најави и завршување на изградбата на катните гаражи на Клинички, за да се стави ред со хаосот од возила и метеж кој е секојдневие на оваа локација.
Во врска со дигитализацијата, тој спомена дека во јануари државата ќе прими донација вредна 8 милиони евра. Се работи за софтвер кој ќе овомзожи сите рентген снимки да може доктор да ги гледа на далечина.
„Тоа ќе овозможи пациентот да се сними на пример во Струмица, а резултатот да се чита од Скопје или во некој друг град. Имаме многу рурални места каде што не можеме да најдеме доктори. Во однос на дигитализацијата размислувавме што да правиме во тој правец, па комунициравме со клиники во САД во кои добро функционира овој систем. Целта е да има екипа составена од доктори, кои ќе комуницираат преку Мој термин со сестра ангажирана во некое село, а докторот ќе биде во онлајн комуникација со неа, па ќе даде препораки. Ако смета дека пациентот треба да се пренесе во болница тоа и ќе биде сторено, а ако не, ќе може да препише терапија“, кажа Таравари.
За в година за во април, се планира покачување на капитацискиот бод за лекарите по семејна медицина од 20 отсто, во месец април.