Изливот на граѓанското незадоволство против власта во Србија по трагичната несреќа со падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември 2024 – при што загинаа 15 лица, а две тешко повредени лица сè уште се во животозагрозувачка состојба – не стивнува. Најупорни и најкреативни се студентите со секојдневните протести и блокади на институциите и сообраќајниците во поголемите градови (Белград, Нови Сад, Ниш) на кои им се придружија и средношколците, па дочекот на Новата Година во Белград помина во гробна тишина како оддавање почит на настраданите во несреќата на новосадската железничка станица.
Власта предводена од претседателот Александар Вучиќ ги користи сите можни недозволени средства да загуши протестите, од недозволено следење на комуникациите, разгорување на национална омраза и нетрпеливост, застрашување, таргетирање на демонстрантите како „странски платеници“, уфрлање на членови на екстремни навивачки групи кои предизвикуваат насилства, како и константното ширење дезинформации и спинување дека зад манифестациите на незадоволство стојат странски држави и служби. Како прва „контра-мерка“ српската власт посегна по старата мантра за „македонско сценарио“, па претседателот Вучиќ само два дена по трагичната несреќа ги спореди протестите во Србија со „Шарената револуција“ во Северна Македонија во 2016. Вучиќ тврди дека „обоените револуции“ секаде имаат ист газда и спонзор, дека народите, всушност, се жртви, уверувајќи ги неговите приврзаници дека тоа нема да се случи во Србија.
Српскиот претседател во едно од низата новогодишни интервјуа на протестите им додаде и глобален шмек, вовлекувајќи ги Кинезите во српската приказна. Тој спомена дека неговите кинески пријатели го предупредиле каква варијанта на „обоена револуција“ ќе биде спроведувана во Србија, бидејќи тие (Кинезите) знаеле сè за таков тип револуции, од онаа на пекиншкиот плоштад Тјенанмен во 1989 година до масовните протести во Хонг Конг во 2019 година…
И Марија Захарова, портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, ги охрабри теориите на заговор против Србија, изјавувајќи дека западните земји прават планови за дестабилизација на Србија користејќи ги механизмите на „обоените револуции“. Ваквите изјави само се напластуваат во спектарот на дезинформации ширени од руските медиуми, како „Раша Тудеј“ во градењето на наративот дека невладините организации финансирани од Западот, европарламентарците, пејачката Северина, косовскиот премиер Албин Курти… со здружени сили сакаат да ја срушат актуелната власт во Србија.
Меѓутоа, како што протестите не стивнуваа, така и власта во Србија го ширеше спектарот на делување за да ги задуши протестите, накалемувајќи му регионален контекст, кој е секогаш добредојден кога сакате да „откривате“ непријатели од соседството. Така, по првичното „македонско сценарио“, српската власт започна со ширење дезинформации дека инспираторите на протестите се од Хрватска, Босна и Херцеговина, малку и од Црна Гора, а теоријата на заговор против Вучиќ не може да мине и без Албанците.
„Хрватските прсти“ во протестите и блокадите власта во Србија ги најде во хрватските пасоши на двајца студенти, кои беа „славодобитно“ објавени во прорежимските медиуми, без разлика што е противуставно и противзаконски објавување на личните податоци. Но, и тие фамозни хрватски пасоши на студентите како инсинуација за некаква вплетеност на Хрватска во актуелните протести се раскринкани од Здравко Понош, пензиониран генерал и противкандидат на Вучиќ на претседателските избори во 2022, кој вели дека власта на Вучиќ троши повеќе енергија на контрола на штетата.
Во оваа контрола, Вучиќ уште еднаш се потпира на својата докажана логика на чопорот. Оние кои не го следат се предмет на интерес од два агли. Прво, да се спречи бунтот да се шири и да добие на енергија. Второ, на антагонизмот кон нив да се консолидира разнишаната доверба од нивните сопствени следбеници. Овој пат е многу потешко отколку кога другата страна е исклучиво политичка опозиција. Овој пат, од другата страна се студентите на чело на бунтот кој се шири како шумски оган. Кога тој оган ќе се изгасне со посипување навреди кон студентите со речник кој нашироко се користи против опозицијата, тогаш е јасно дека Вучиќ никогаш нема да може да излезе од својата логика на чопорот, вели Понош.
Тој додава дека со бруталниот напад врз учениците чии родители беа протерани од Хрватска во Србија со воената операција „Олуја“ од 1995, „власта си пукаше во ногата на која често потскокнуваше на изборите“, бидејќи и тие имаат право на хрватско државјанство и пасоши, без разлика што се Срби по националност.
Кога организацијата Amnesty International го објави извештајот „Дигитален затвор: Надзор и сузбивање на граѓанското општество во Србија“ со наводите дека „Србија е парадигма на систем во кој властите користат технологија за прислушување и шпионирање и тактики за дигитална репресија како инструменти за поширока државна контрола насочена кон граѓанското општество“, наведувајќи дека биле прислушувани бројни активисти и новинари, власта во Србија повторно преку режимските медиуми инсинуираше дека инспиратори на тој извештај се Хрватите, за да им дадат додатен полет на протестите во Србија.
Овие авторитарни практики и кршења на човековите права многу добро се познати и во Северна Македонија, па веднаш реагираат и македонските студенти со солидарна поддршка на нивните колеги кои протестираат во Србија.
Во истиот тајминг, истите мегафони на српската власт ширеа дезинформации дека албанските медиуми „во екстаза“ ги поддржувале протестите и опозициските протагонисти кои сакаат да „ја рушат Србија и Вучиќ“.
Од друга страна, бранувањата кои циклично ги предизвикаа лидерот на босанските Срби, Милорад Додик, се и повеќе од добредојдени за Вучиќ и „врамување“ на Бошњаците (Муслиманите) како дополнителни инспиратори на студентските протести во Србија. На претседателот на ентитетот Република Српска, Додик му се заканува казна затвор до пет години заради непочитувањето на одлуките на Високиот претставник за БиХ, Кристијан Шмит, на што Додик се заканува со отцепување на Република Српска. Во пресрет на прославата на Република Српска, 9 јануари (кој од страна на Уставниот суд на БиХ е прогласен за неуставен), Додик изјави дека „света задача на Српска е да се отцепи од Босна и Херцеговина“, бидејќи само на тој начин Србите би се спасиле од исчезнување. Секако дека и „Раша тудеј“ на српски јазик не пропушти да ги пренесе катастрофичните сценарија за „Босанскиот лонец пред експлозија“ и отцепувањето на Република Српска.
Оваа агресивна операција за спасување на Додик од затворска казна – кој како да се поистоветува со францускиот крал Луј 14, кому му се припишуваат максимите „Државата, тоа сум јас“ и „После мене – потоп“- беше видлива уште пред крајот на минатата година кога сите гласови за поддршка на студентските протести во Србија беа прогласувани како кампања на „најголемите анти-Срби и исламистичко-џихадистички медиуми“ во БиХ.
Некои од македонските медиуми го пренесоа тврдењето на српскиот вицепремиер Александар Вулин, отворено про-Кремљ настроен, дека „нападите врз Србија од Сараево и Загреб се координирани, дека притисокот расте, и според него – сè е координирано од еден центар“. Вулин само ја „дообјаснува“ – за секој случај – политиката на Вучиќ која вели дека „светските сили сакаат што поскоро да ја завршат работата за Косово, не можат да поднесат Србија да биде водечка сила во регионот, како и тоа што Србија се спротивстави на гласањето за Резолуцијата за Сребреница во ОН“.
Затоа не е случаен – а уште помалку наивен – предлогот на пратениците во српското Собрание од редовите на Движењето на социјалистите, чиј лидер е токму Вулин, да биде донесен „Закон за агенти на странско влијание“. Со овој закон припадниците на невладиниот сектор – некогашните „странски платеници“ од ерата на Слободан Милошевиќ – би добиле ознака „странски агенти“.
Со тоа власта на Вучиќ, по урнек на путинова Русија, сака да ги обележи сите невладини организации кои главно се финансираат од други држави, меѓународни и странски организации, странски државјани или регистрирани невладини организации кои се финансираат од странство.
Пишува: Стојан Синадинов