Папата Франциск доживеа ненадеен респираторен напад денеска попладне и беше ставен на апарат за дишење, објави Ватикан, а пренесе Си-Ен-Ен.
Нападот бил комплициран и вклучувал повраќање, соопшти Ватикан. Медицинскиот персонал најпрво го третирал проблемот со повраќањето пред да го стави папата на механичка вентилација, се вели во соопштението.
Ватикан додаде дека Франциск „останал буден и ориентиран за целото време“.
Портпаролот на Ватикан подоцна истакна дека тој во овој момент не се смета дека е надвор од животна опасност.
Франциск првпат беше примен во римската болница Гемели пред две недели, откако се соочи со низа медицински проблеми поврзани со белите дробови, вклучувајќи бронхитис, а потоа и пневмонија. Неговата сегашна хоспитализација е четврта по ред, и до сега најдолга откако стана папа во 2013 година.
Папата страда од проблеми поврзани со белите дробови во поголемиот дел од својот живот. Како млад тој имал тешка пневмонија и му бил отстранет дел од едното белодробно крило.
Ватикан двапати дневно објавува ажурирања за здравјето на папата. Во четвртокот, беше речено дека состојбата на Франциск „се подобрува“, но неговата прогноза остана нејасна.
Претходно во петокот, Ватикан објави дека папата нема да ја води богослужбата следната среда по повод почетокот на Великиот пост, само втор пат во неговото 12-годишно папство. Наместо тоа, се очекува еден од кардиналите да ја води богослужбата.